/Прочитано:

1.101

Промовирана нова мобилна апликација за заштита на правата на потрошувачите – Potrosuvaci MK

Институтот за стратешки истражувања и едукација – ИСИЕ денеска ја промовираше новата мобилната апликација за заштита на правата на потрошувачите – Potrosuvaci MK, која е достапна на македонски и албански јазик. Покрај мобилната апликација, на настанот беа промовирани и Извештајот од мониторингот на седум клучни институции за правата на потрошувачите, како и други резултати од проектот „Чувар на правдата за потрошувачите“ – пет водичи за правата на потрошувачите, новата веб-страница www.zastitanapotrosuvaci.mk и други анализи и препораки за унапредување на политиките за заштита на потрошувачите.

Претставникот на ИСИЕ д-р Дарко Спасевски на промоцијата ги потенцираше клучните наоди од мониторингот на институциите надлежни за заштита на правата потрошувачите. Во таа насока, ја нагласи потребата од континуирано градење на капацитетите и обука на човечките ресурси, како и поголемото учество на граѓанскиот сектор во телата на овие институции.

Христина Конеска-Бероска, претставник на Секретаријатот за европски прашања, се обрати на промоцијата и ја нагласи важноста на заштитата на потрошувачите во претпристапните преговори со ЕУ.

На настанот се обрати и Шерифе Исмаили-Касапи, претставник на проектот „Нордиска поддршка за напредок на Северна Македонија“, која истакна дека заштитата на правата во Европската Унија се врши преку заштита на нивните економски интереси, како и со постојано едуцирање на граѓаните. Таа, исто така, нагласи и дека преку хармонизација на нашето законодавство со она на Европската Унија ќе се доближиме до ЕУ-стандардите за заштита на потрошувачите.

Проектот „Чувар на правдата на потрошувачите“ беше спроведен со грант доделен од Шведската агенција за меѓународна развојна соработка преку проектот „Нордиска поддршка за напредок на Северна Македонија“, кој го спроведува Канцеларијата на Обединети нации за проектни услуги – УНОПС, а кој има цел да го зајакне капацитетот на Република Северна Македонија за интеграција во Европската Унија, а исто така да го помогне и вклучувањето на граѓанските организации и медиумите во текот на сите фази на пристапниот процес.

М.В