/ Прочитано:

3.872

Промовирана правната анализа за казнената политика на судовите и за примената на алтернативните мерки

Во рамките на проектот „Зајакнување на независноста на судиите во Република Македонија – подобрување на капацитетите на судството“ и во организација на Здружението на судии на РМ промовирана е публикацијата „Правна анализа“, чии автори се судијата д-р Џемали Саити, проф. д-р Беса Арифи, судијата Шпенд Деваја и м-р Андреј Божиновски.

Оваа анализа претставува суштествена алатка, производ на заедничките напори на домашни и меѓународни експерти. Поимите, наодите и заклучоците во неа претставуваат слика на тековната казнена политика на судовите во Република Македонија пред и во периодот на донесувањето на Правилникот за начинот на одмерување на казните и Законот за одредување на видот и одмерување на висината на казната.

Податоците во оваа анализа се општи податоци кои можат да се најдат во датотеките на Државниот завод за статистика, а дел од податоците се собрани преку Здружението на судиите на Република Македонија од судовите во сите четири апелациски подрачја: Скопје, Битола Гостивар и Штип. Имајќи ги предвид и заклучоците и препораките од регионалните дискусии што се одржаа во рамките на овој проект, проектниот тим на оваа анализа имаше можност да ги мапира и да ги објасни дневните проблеми на судиите во одредувањето на видот и одмерувањето на висината на казните, како и нивните ставови во однос на овие решенија.

Анализата, велат нејзините автори, претставува значајна основа која може да им послужи на практичарите од сферата на кривичното право во однос на сите аспекти на казнената политика. Целта на оваа студија е да изврши анализа на казнената политика на судовите во Република Македонија и да даде заклучоци и препораки кон натамошно јакнење и создавање на еднообразен национален систем за кривично санкционирање.

На промоцијата на Анализата беше нагласено дека Здружението на судиите на Република Македонија, во соработка со Амбасадата на САД во Република Македонија, а во рамките на проектот „Зајакнување на улогата и независноста на судиите во Република Македонија“, активно работи на анализа на казнената политика на судовите во периодот од донесувањето на Законот за одмерување на казните до моментот на неговото укинување, и има цел да даде одговор на прашањето што понатаму во уедначувањето на казнената политика.

Потребата за реализирање на една ваква анализа произлезе од суштината на овој закон, особено што со него за прв пат се воведуваат објективни критериуми за одредување и одмерување на видот и висината на казната.

Анализата треба да понуди одредени толкувања за дилемите на експертската јавност (судиите, обвинителите и адвокатите) при примената на Законот за одмерување на казната, имајќи ги предвид предлозите и препораките од анкетираните целни групи, разговорите со релевантните претставници кои работат на оваа материја, како и разгледаните пресуди од судовите.

„Неуедначеноста на изречените казни и други санкции е последица не само на благата казнена политика на судовите туку и на неадекватното решение за стварната надлежност на судовите, според кое на врвот на судската хиерархија стојат апелационите судови, додека Врховниот суд, кој според членот 101 од Уставот е највисоката судска институција што го обезбедува единството во примената на законите од страна на судовите, нема инструменти, посебно преку системот на правни лекови, преку кои би можел да ја извршува таквата функција“, посочи во интервјуто за Академик м-р Андреј Божиновски, правен советник во Здружението на судии и еден од авторите на анализата.

М.В