/ Прочитано:

1.354

Промовирана публикацијата „Насоки за надзор над разузнавањето“

Денеска се одржа промоција на публикацијата „Насоки за надзор над разузнавањето“, за која беше истакнато дека претставува исклучително значајна публикација која ја акцентира важноста на надзорот над разузнавањето во демократијата.   Публикацијата е создадена на иницијатива на Собранието на Република Македонија, а изготвена е од страна на Центарот за демократска контрола на вооружените сили од Женева. Автор и уредник на публикацијата е Теодора Фуиор.

„Безбедноста и разузнавањето се сектори кои во природата на своето работење доаѓаат во судир со човековите права и слободи, меѓутоа во исто време, иако можеби ќе звучи контрадикторно, овие сектори се и еден од столбовите на безбедноста и стабилноста на секоја држава. И, сега се наметнува прашањето како да се надмине оваа противречност. Одговорот е многу едноставен, барем на прв поглед, а тоа е функционирање на правната држава. Меѓународните стандарди за заштита на човековите права и слободи и владеењето на правото налагаат работењето и овластувањата на овие служби да биде дефинирано со закони кои се јасни и лесно разбирливи. Вториот услов е развиена и ефикасна парламентарна контрола врз овие сектори затоа што ако  немаме владеење на правото и ефикасна парламентарна контрола, наместо да ја гарантираат безбедноста на државата, овие сектори можат да станат генератори на криза“, истакна на денешниот настан претседателот на Собранието на РМ, Талат Џафери.

Во Собранието има три комисии кои се занимаваат со оваа проблематика, односно кои можат да вршат надзор врз безбедносните и разузнавачките служби. Тоа се: Комисијата за одбрана и безбедност, Комисијата за надзор над работата на Управата за безбедност и контраразузнавање и на Агенцијата за разузнавање и Комисијата за надзор над имплементацијата на специјалната истражна мерка следење на комуникациите од страна на Министерството за внатрешни работи, Финансиската полиција, Царинската управа и Министерството за одбрана.

Следејќи ги европските практики и препораки, беше истакнато на настанот, со последните две комисии претседава претставник од опозицијата.

„Новиот Закон за следење на комуникациите, кој го донесовме во 2018 година, има неколку новини, меѓутоа пред тоа морам да истакнам еден друг, според мене, многу важен аспект, а тоа е максималната конструктивност и придонесот на опозицијата во процесот на донесување на овој закон, којшто беше донесен со висок степен на консензус. Во однос на новините во Законот, првата е формирањето на Граѓанскиот совет за надзор, тело кое е надвор од Парламентот, но кое во својата работа е тесно поврзано со него, особено со веќе спомнатата Комисија за следење на комуникациите. Новина е и фактот што сега секој граѓанин кој се сомнева дека му се следи комуникацијата може да поднесе претставка до Советот, кој заедно со надлежната комисија ќе треба да утврди дали имало прекршок. Понатаму, со овој Закон се формира и ОТА, односно Оперативно техничката агенција. Фактички, со ова тело се отстрануваат техничките можности на Управата за безбедност и контраразузнавање да врши следење на комуникациите, тоа ќе го прави ОТА и тоа исклучиво со судски налог“, образложи претседателот на Собранието на РМ.

Во рамките на денешниот настан покрај претседателот на Собранието, се обратија пратеници и претседателите на собраниските комисии, експерти, како и холандскиот амбасадор Пломп и британскиот амбасадор Галовеј, кои говора за придобивките од ефективниот надзор над разузнавањето и за предизвиците и можности за надзор над разузнавањето, во согласност со новата легислатива која го регулира следењето на комуникациите.

M.В