Пропадна изборот за претседател на Врховниот суд на РМ
Среда, 18 јули 2012 – Пропадна изборот за претседател на Врховниот суд на РМ. За поранешната шефица на Кривичниот суд, Лидија Неделкова, Судскиот совет на РМ (ССРМ) гласаше со 7 гласови за и 4 против, додека нејзиниот противкандидат, врховниот судија Ристо Катавеновски уште во првиот круг не доби поддршка од членовите. ССРМ ja избра судијката Милка Стефкова за в.д. претседател на Врховниот суд.
Од тројца најдобро оценети судии од Врховен суд, одлуката за в.д. претседател падна за судијката Милка Стефкова. Таа минатата година била оценета со највисока оценка и имала 250 бодови. Според постигнатиот успех сите членови едногласно ја изгласаа за вршител на функцијата в.д. претседател, додека не се направи конечен избор.
Пред да почне гласањето еден од членовите, Бојан Ефремовски имаше потреба на членовите да им потенцира што значи функцијата, претседател на Врховен суд. За него тоа е човекот кој седи на врвот на судската пирамида, задолжен за охрабрување на судии, репрезент на тогата, правдата, моралот и честа. Закажаната седница и онака започна 2 часа подоцна, па членовите беа изненадени од својот колега, со образложение дека со својот шестгодишен мандат многу добро им е позната важноста на оваа функција.
ССРМ поделен за Неделкова, за Катавеновски против
Во напната и тензична атмосфера, гласаа 12 членови на ССРМ. Еден член воопшто не се појави на седницата, министерот за правда кој доцнеше 2 часа нема право на глас, а оправдано беше отсутен досегашниот претседател на Врховниот суд, Јово Ванѓеловски.
Од 12 членови, само еден беше воздржан за судијката Лидија Неделкова. Во двата круга, првиот пат за подршка за кандидат, вториот пат за избор, ситуацијата беше идентична. Седуммина членови гласаа за, 4-ца против. За нејзиниот противкандидат судијата Ристо Катавеновски гласаа сите 12 членови, 4-ца за, осуммина против, тој не ја доби поддршката од ССРМ уште во првиот круг.
По завршувањето на судската ферија, советот ќе распише конкурс за да се пополнат сите празни судиски столчиња, претседател на скопскиот Кривичен суд, три врховни судии и претседател на Врховниот суд.
Во трката за претседателското место на самиот почеток беше и веќе екс-претседателот на Врховниот суд, Јово Ванѓеловски, но тој се повлече поради како што вели лични причини, така што останаа само Неделкова и Катавеновски.
Минатата недела несупешен беше и изборот за претседател на најголемиот Кривичен суд во земјава, бидејќи и за двајцата пријавени кандидати немаше двотретинско мнозинство.