/ Прочитано:

6.199

ПРОПИСИТЕ ЗА ЗАШТИТА НА ПОТРОШУВАЧИТЕ ТРЕБА ДА БИДАТ ЈАСНИ ЗА ГРАЃАНИТЕ: Ни перфектната правна норма не вреди многу доколку не се применува во практиката

Академијата за судии и јавни обвинители „Павел Шатев“, во соработка со Германската фондација за меѓународна правна соработка (ИРЗ), организираше советување на тема „Потрошувачкото право согледано преку Законот за заштита на потрошувачите и поврзаноста со другите закони“.

akad 7

На денешното советување се согледа влијанието на европското потрошувачко право во домашното законодавство заедно со правната заштита од нечесните клаузули во потрошувачките договори. Исто така, на советувањето се согледаа и правата на потрошувачот за условите на продажба на производите, како и за рекламирањето на производите и услугите. Директорката на Академијата за судии и јавни обвинители подвлече дека советувањето ќе даде увид во праксата во областа на заштитата на потрошувачите во Република Македонија.

„Потрошувачкото право е многу актуелно прашање особено во рамките на Европската Унија. Следејќи ги актуелностите во правото, Академијата вложува напори да реализира обуки кои од година во година ќе бидат сè подобри и кои ќе ги опфаќаат најзначајните прашања од практиката“, истакна Аранаудовска.

akad 7

Потрошувачкото право е нешто што сите нас нè засега, истакна професорката Јадранка Дабовиќ-Анастасовска, која беше предавач на денешното советување. Професорката нагласи дека потрошувачите се „ранлива алка“  и дека е потребна нивна заштита преку правото и законите. Во таа насока, Дабовиќ-Анастасовска подвлече дека се потребни нови законски решенија за заштита на потрошувачите, кои ќе бидат јасни за граѓаните и усогласени со решенијата од европското потрошувачко право.

Но, додаде професорката, улогата на законодавецот и на државата не е завршена со донесувањето на прописите, било тие да се резултат на имплементацијата на правните извори на Унијата.

akad 7

„Квалитетот на самите прописи може да биде спорен кога треба да се примени во практиката, затоа што и перфектната правна норма не вреди многу доколку не се применува во практиката. Постоењето на централни и локални координативни тела и совети, активностите, промоциите и едукациите, не се од големо значење за потрошувачите доколку не постои подготвеност континуирано да се потврдува во практиката спроведувањето на правните модалитети…“

akad 7

„Кога законодавецот уредува одреден модалитет на заштита, секогаш мора да се има предвид дека афирмацијата на споменатиот „потрошувачки сектор“ мора да биде перманентна, затоа што „однапред готовите“ модели по сè се чини дека не функционираат беспрекорно, имајќи ги предвид локалните и регионалните состојби. Кога системот на заштита е сложен, тогаш достапноста, разбирливоста и пристапот кон системот мораат да се зајакнат. Агресивната политика на државата во афирмацијата на „потрошувачкиот сектор“, во комбинација со разработени и јасни правни правила во практиката, се наметнува како иманентна и неопходна за актуелната состојба на полето на заштитата на правата на потрошувачите во нашата држава и пошироко во регионот“, истакна професорката Дабовиќ -Анастасовска.

М-р Маријана Лончар-Велкова од Организацијата на потрошувачи на Република Македонија на денешното советување особено се осврна на правото на потрошувачот да биде информиран за условите на продажба на производите и за давањето услуги.

akad 7

„Правото на информации е едно од основните права на потрошувачите, од основните осум потрошувачки права кои се основа за развивање на правната регулатива во ЕУ. Содржано е во многу директиви на ЕУ, во Законот за заштита на потрошувачите и во други закони кои во однос на овој се lex specialis.  Потрошувачите треба да добијат битни, навремени и вистинити информации, кои ќе им помогнат во донесување на исправна одлука за купување производи, односно користење услуги“, истакна Лончар-Велкова.

Трговецот е должен, додаде Лончар-Велкова,  пред склучувањето на договорот за продажба, на потрошувачот да му даде точни и корисни информации во врска со квалитетот, карактеристиките на производот или услугата и во врска со условите за продажба, како и сите други информации побарани од потрошувачот.

akad 7

„Трговецот треба да го извести потрошувачот за влијанието на одредени производи врз животната средина и врз здравјето на луѓето, во согласност со прописите и стандардите, како и за мерките за заштита преку упатство дадено со производот или истакнато на амбалажата на производот или на друг соодветен начин“, подвлече  Лончар-Велкова.

На крајот од ова советување, споредбено се согледаа законодавните решенија за заштитата на потрошувачите во Република Србија. За споредбените законски решенија говореше проф. д-р Милена Јовановиќ-Затила, редовен професор на Правниот факултет во Ниш.

М.В