/ Прочитано:

1.343

Просторниот план на Националниот парк „Пелистер“ 2016-2030 во собраниска процедура

Изработката на Нацрт-просторниот план на Националниот парк „Пелистер“ е предвидена со Годишната програма на Владата на Република Македонија за финансирање на изработка на Просторен план на Република Македонија за 2016 и 2017 год. Носител на изработката на Просторниот план е Министерството за животна средина и просторно планирање, а изработувач Агенцијата за планирање на просторот.

Содржината на Просторниот план е утврдена согласно со чл. 8 ст. 2 од Законот за просторно и урбанистичко планирање.

„Експанзивниот економско-технолошки и урбан развој на современиот свет носи бројни негативни влијанија за развојот на природните системи, загрозувајќи ја природната рамнотежа на нашата животна средина. Бројни природни и цивилизациски вредности се изложени на деградација и пропаѓање.

Основните природни ресурси: вода, воздух и земја се користат неконтролирано, со што се обезвреднуваат и загадуваат. Неконтролираните активности на човекот непосредно влијаат врз природната и естетската деградација на пејзажот, загрозувајќи ги биолошката хармонија и квалитетот на животот.

Сите овие негативни процеси наметнуваат потреба од организирана општествена свест и соодветна акција во насока на заштита на природните вредности и реткости. Во поново време движењето за заштита на природата и одржливиот развој поприма конкретни и реални форми на нужност и поттикнување поврзано со опстанокот на сите облици на живиот свет на Земјата, прераснувајќи во сè поширока акција на човештвото за заштита на сите елементи на животното окружување. Во тој контекст, и националните паркови, со Законот за заштитени подрачја со посебни обележја, стануваат еден од битните чинители на биосферата воопшто во човековото стремење кон зачувување на квалитетот на животниот простор.

Согласно со дефиницијата во Законот за заштита на природата, националниот парк претставува просторно природно подрачје на копно или вода кое опфаќа еден или повеќе сочувани или незначително изменети екосистеми, со особени повеќекратни природни вредности, кое се воспоставува заради заштита на еколошките процеси, како и на видовите и екосистемските карактеристики комплементарни на подрачјето.

Националниот парк има еколошка, научноистражувачка, културна, воспитно-образовна и туристичко-рекреативна намена. „Пелистер“ е прв, односно најстар национален парк, за прв пат прогласен за заштитено подрачје на 30 ноември 1948 год., со Закон за прогласување на дел од горските предели на Пелистер планина за национален парк, донесен од Президиумот на Народното собрание на Народна Република Македонија.

„Пелистер“ е прогласен за национален парк поради неговите „особени природни вредности, кои опфаќаат геолошки, геоморфолошки, климатски, хидрографски и биогеографски особености и вредности, а се темелат, пред сè, на извонредното и специфично географско наследство“, се вели во образложението Нацрт -планот.

М.В