24 јуни, 2013 10:49
paula
/ Прочитано:
Протестот се одложува — судската полиција добила ветување за решение на проблемите
Понеделник, 24 јуни – Судската полиција утре нема да протестира пред Судскиот совет на РМ (ССРМ). Изутринава нивни претставници оствариле средба со претседателката на ССРМ, Александра Зафировска и министерот за правда Блерим Беџети. На средбата, како што велат, добиле уверување дека ќе се постапи по нивните барања и ќе се расправа и за Колективниот договор што го уредува начинот на работа и правата на судската полиција.
„Протестот кој требаше да се одржи утре и задутре го одложуваме за неодредено време. Наши претставници се вратија од остварените средби со надлежмните. Оттаму добиле уверувања дека ќе се расправа и постапи по нашите барање. Одлучивме да чекаме до септември, па ако повтно се изневерат нашите очекување, дополнително ќе се договориме за да одржиме протест“, вели претседател на Одборот за судска полиција Драган Јосевски, за Академик.
Пред два месеци, судската полиција преку две писма до министерот за правда и претседателката на ССРМ го изразија своето незадоволство. Бараат донесување на Правилник според кој нивната плата ќе се зголеми за 20%, а исто така да бидат бодувани согласно нивниот степен за образование. Во зависнот од работата на судот, во барањето наведуваат дека треба да се зголемат платите, а да им бидат исплатени и сите празници кои ги работат. Правилникот требало да биде донесен во рок од 6 месеци откако Законот за судска служба стапил на сила, но тоа, како што посочуваат се’ уште не е направено.
Во писмата до надлежните пишуваат дека не се почитува Уредбата за времетраењето на облеката, чевлите и посебната лична опрема. Посочуваат дека се доведени во ситуација, сами да се снаоѓаат за чевли, и да позајмуваат делови од облека и опрема од припадниците на МВР што според нив повеќе наликува на „башибозук“ отколку на унифицирана служба. Во неколку наврати, порачаа дека доколку не им се исполнат барањата, своите права ќе ги бараат преку тужби и протести пред Министерството за правда, Владата и пред ССРМ.