/ Прочитано:

861

Противуставни одредби во Законот за државната комисија за одлучување во втор степен во областа на инспекцискиот надзор и прекршочна постапка

Уставниот суд поведе постапка и за уставноста на членот 4 став 3 од Закон за основање на Државната комисија за одлучување во втор степен во областа на инспекцискиот надзор и прекршочна постапка.

Членот 4 од Законот за основање на Државната комисија за одлучување во втор степен во областа на инспекцискиот надзор и прекршочна постапка гласи:

(1) На претседателот или членот на Државната комисија мандатот му престанува, ако:

– тоа сам го побара,

– наврши 64 години старост и

– настапи смрт на претседателот или членот.

(2) Претседателот или членот на Државната комисија се разрешува пред истекот на мандатот, ако:

– трајно ја загуби способноста за вршење на функцијата, што го утврдува Собранието на Република Македонија,

– е осуден со правосилна судска пресуда за кривично дело на безусловна казна затвор од најмалку шест месеци или

– врши работи кои се неспојливи со функцијата член или претседател на Државната комисија.

(3) Предлог за разрешување на претседателот и членот на Државната комисија може да поднесе и Владата на Република Македонија.

(4) За постоењето на причини за разрешување на претседателот или членот на Државната комисија пред истекот на мандатот, претседателот (или заменикот во случај на разрешување на претседателот) е должен да го извести Собранието на Република Македонија, во рок од 30 дена од денот на дознавањето.

(5) Собранието на Република Македонија започнува постапка за утврдување на предлог за избирање на претседател и членови на Државната комисија најмалку три месеци пред истекот на нивниот мандат. Постапката за избирање треба да заврши најмалку 30 дена пред редовниот истек на мандатот на претседателот и членовите.“

Како што појаснуваат од Судот, постапката е поведена во оној дел кој предвидува Владата на Собранието да му предлага разрешување на претседател и членови на оваа комисија.

Од Уставниот суд посочуваат дека во тој дел има мешање на извршната во законодавната власт бидејќи членовите и претседателот на Државната комисија за инспекциски надзор и прекршочна постапка, која ја избира Собранието, не може да ги предлага Владата затоа што веќе постои собраниска Комисија за избори и именување, која врши именување по јавен конкурс и разрешување на членовите и на претседателот на оваа комисија.

На седницата на Уставниот суд беа поведени постапки и за две одлуки, едната се однесува за референдум во Општина Босилово за експлоатација на минерални суровини, а другата за распишување референдум за мигрантите на територија на Општина Гевгелија.

M.В