/ Прочитано:

2.462

Противуставно е против решение на министерот да не може да се води управен спор – Уставниот суд укина одредби од Законот за управната инспекција

Уставниот суд на Република Македонија укина одредба од член 18, став 4 од Законот за управната инспекција. Во укинатата одредба која е дел од главата посветена на инспекциската постапка, се вели дека против решението на министерот не може да се води управен спор.

За адвокатот Блаже Крчински од Скопје, кој е подносител на иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на одредбата, оспорената законска одредба не е во согласност со Уставот бидејќи со член 50, став 2 од Уставот се предвидува дека: „Уставот на Република Македонија гарантира судска заштита на законитоста на поединечните акти на државната управа и на другите институции што вршат јавни овластувања“.

Во овој случај,законодавецот, вели адвокатот, изречно забранил судска заштита на акт на орган на управата, која Уставот ја дозволува. Уставот, истакнува адвокатот, има супрематија над законите и другите прописи.

„Посочената одредба од Законот за управната инспекција на директен начин го повредува ова уставно правило, т.е. го повредува правото на пристап до суд, што е во спротивност како со Уставот, така и со меѓународните договори, поточно со Европската конвенција за заштита на човековите права и слободи, која била составен дел на позитивниот правен поредок на Република Македонија и општоприфатените норми на меѓународното право“, истакнува адвокатот Крчински, кој оценува дека оспорената одредба  ги разнишува правниот поредок, правната сигурност и владеењето на правото.

Подносителот на иницијативата додава и дека оспорената законска одредба е контрадикторна и нејасна. Имено, аргументира адвокатот, во неа во истиот член, во ставовите 1 и 3, како орган кој одлучува по жалба е предвидена Државната комисија за одлучување во втор степен во областа на инспекцискиот надзор и прекршочна постапка.

„Оттука, ако се имало предвид дека суштествено се разликувале Министерството и Државната комисија, односно едниот орган бил формиран како дел од извршната власт во согласност со Законот за организација и работа на органите на државната управа, додека Комисијата била државен орган кој е самостоен во својата работа и има својство на правно лице, останувало нејасно односно правело забуна против кое решение не било дозволено поведување на управен спор“, истакнаа од Уставниот суд при поведувањето на постапката за сега укинатата одредба.

Во таа насока, според Судот, нема оправдување за натамошното опстојување во правниот поредок на оспорениот член 18, став 4 од Законот за управната инспекција.

„Одредбата е нејасна и може да создава забуна при остварување на правната заштита во случај на донесено решение од страна на инспектор, што води кон повреда на начелото на владеење на правото“, истакнуваат од Уставниот суд.
М.В.