Протоколи за работа на кафетериите и угостителските објекти за исхрана
„Владата на Република Северна Македонија, на 57-мата седница, одржана на 26 мај 2020 година, донесе Одлука за изменување и дополнување на Одлуката за мерки за спречување на внесување и ширење на Коронавирус КОВИД-19, со која од 28 мај 2020 година може да отпочнат со работа кафетериите и угостителските објекти со посетители во отворените делови на овие објекти (тераси), со задолжително почитување на Протоколот за отворање и работа на кафетерии и на Протоколот за отворање и работа на угостителските објекти за исхрана, утврдени од страна на Комисијата за заразни болести при Министерството за здравство.
Протокол за отворање и работа на угостителските објекти за исхрана утврдува дека работното време е ограничено од 08:00 часот до 22:00 часот, и се дозволува работа само на отворените делови од угостителските објекти за исхрана со послужување, кои се од три страни отворени со кровна конструкција.
Вработените во угостителскиот објект кои послужуваат задолжително носат заштитни маски и зачестено одржуваат хигиена на раце, а се ограничува и бројот на гости, односно ќе се послужуваат само гости кои може да седат или лица кои преку шалтер ќе подигнуваат нарачки, односно не е дозволено послужување на гости на стоење на шанк и стоечки маси.
Протоколот наведува дека е задолжително менаџирање на влегувањето на гостите за кое е потребно да се определи одговорно лице.
На отворениот простор за послужување на гости каде има поставено маси, да се обезбеди растојание од столче до столче од 1,5-2 метри со соседните маси во сите правци, а на една маса со четири столици може да седат и да се послужуваат максимум две лица, додека на една маса со четири столици може да се послужуваат четири лица доколку се од исто семејство.
Протоколот дозволува максимален број од 12 лица на споени маси заедно со задолжително растојание помеѓу секој гостин од 1,5 метри.
Задолжително е поставување на дезинфекционо средство за раце на секоја маса, како и засилени внатрешни контроли на вработените лица за одржување на личната хигиена (често миење раце) во сите фази на подготовка, прием и послужување на храна од страна на одговорно лице.
Се наложуваат засилени санитарно-хигиенски мерки, пребришување на масите со средство за дезинфекција кое делува на вируси според упатство од производителот при заминување на гостите од секоја маса, а на крајот на смената задолжително механичко чистење и дезинфекција со средство кое делува на вируси според упатство од производителот, алтернативно може да се користи 0,05% натриум хипохлорит (5% белило за домаќинство кое се користи во размер 1:100) или 70% алкохол за дезинфекција на горни површини.
Протоколот утврдува дека е задолжително редовно одржување на тоалетите со водење на евиденција за спроведеното чистење и со употреба на наведените дезинфекциони средства.
Во тоалетите е забрането користење на сушачи за раце, а задолжително е користењето на хартиени бришачи за раце за еднократна употреба.
Во оваа фаза протоколот забранува организирање на прослави (свадби, родендени, крштевки и сл.)
Одлуката може да ја погледнете тука,соопштуваат од Владата.
Министерство за здравство: Од денеска целосно престанува да важи одлуката за забрана за движење
Владата: Престанува одлуката за забрана за движење
M.В