/Прочитано:

588

Процедурите во Договорот со Грција кои се однесуваат и на зачленувањето на Македонија во НАТО

Лидерите на 29-те земји членки на НАТО на првиот ден на Самитот во Брисел одлучија да ја поканат Македонија да почне преговори за членство во Алијансата.

„Го поздравуваме Договорот меѓу Атина и Скопје и денеска се согласивме да ја поканиме Владата во Скопје да ги почне пристапните преговори. Во моментот кога сите национални процедури ќе завршат околу финализирањето на Договорот за името, земјата ќе се приклучи на НАТО како 30-та земја членка,” изјави генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг.

Тој нагласи дека луѓето во Македонија треба да одлучат дали ќе го поддржат Договорот и ќе станат членки или нема да го поддржат и нема да станат членки.

„Нема зачленување без промена на името, на народот е да одлучи“, истакна Столтенберг.

Во Договорот со Грција се предвидува дека по потпишувањето на Спогодбата, Македонија без одлагање ќе ја поднесе Спогодбата до Собранието за ратификација и ќе ја извести Грција за ратификацијата. Доколку одлучи така како што стои во Договорот, Македонија ќе одржи референдум и ќе ја започне постапката за усвојување на амандмани на Уставот како што е предвидено во оваа спогодба.

Според Договорот, Македонија во целост треба ги усвои амандманите на Уставот до крајот на 2018 г., а по известувањето упатено до Грција за завршување на постапката за усвојување на погоренаведените амандмани на Уставот и за завршувањето на сите внатрешни правни постапки потребни за влегувањето во сила на оваа спогодба, Грција веднаш ќе ја ратификува оваа спогодба.

Официјалното име на Втората страна, се вели во Договорот, ќе биде „Република Северна Македонија“, што ќе претставува уставно име на Втората страна и ќе се употребува erga omnes, како што е предвидено во оваа спогодба. Скратеното име на Втората страна ќе биде „Северна Македонија“

Во членот 73 од Уставот на РМ се пропишува дека Собранието одлучува за распишување на референдум за одделни прашања од својата надлежност со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници. Одлуката на референдумот е усвоена ако за неа гласало мнозинството од избирачите кои гласале, доколку гласале повеќе од половината од вкупниот број избирачи. Собранието е должно да распише референдум кога предлог ќе поднесат најмалку 150.000 избирачи. Одлуката донесена на референдумот е задолжителна.

Во членот 2 од Конечната спогодба за решавање на разликите опишани во резолуциите 817 (1993) и 845 (1993) на Советот за безбедност на Обединетите нации, за престанување на важноста на Привремената спогодба од 1995 година и за воспоставување на стратешко партнерство меѓу страните се пропишува дека:

1. Првата страна се согласува да не приговара на барањата за членство или членството на Втората страна, под името и термините од член 1, став 3 од оваа спогодба во меѓународните, мултилатералните и регионални организации и институции, во кои членува Првата страна.

2. Втората страна ќе бара прием во меѓународните, мултилатералните и регионалните организации и институции под името и термините од член 1, став 3 од оваа спогодба.

3. По влегувањето во сила на оваа спогодба, а во согласност со член 1 од истата, Првата страна ќе ратификува каква било спогодба за пристапување на Втората страна кон меѓународни организации, во кои членува Првата страна.

4. Конкретно, во однос на процесот на интеграција на Втората страна во Европска унија (ЕУ) и Северно-атлантската договорна организација (НАТО), ќе се применува следното:

а) Втората страна ќе бара членства во НАТО и ЕУ под името и термините од член 1 од оваа спогодба. Зачленувањето во НАТО и ЕУ ќе се одвива со истото име и термини.
б) По добивање на известување дека Собранието на Втората страна ја ратификувало оваа спогодба, Првата страна веднаш:

(I) ќе го извести Претседателот на Советот на Европската Унија дека дава поддршка за почеток на преговори за членство на Втората страна во Европската Унија, под името и термините од член 1 од оваа спогодба.
(II) ќе го извести генералниот секретар на НАТО дека дава поддршка НАТО да ѝ упати покана за пристапување на Втората страна. Таквата поддршка на Првата страна е условена, прво, со исходот на референдумот, доколку Втората страна одлучи да одржи референдум, во согласност со оваа спогодба, и второ, со целосното усвојување на амандмани на Уставот, како што е предвидено во оваа спогодба. По добивањето на известување од Втората страна дека ги завршила сите нејзини внатрешни правни постапки потребни за влегувањето во сила на оваа спогодба, вклучително и по завршувањето на можен референдум на национално ниво со исход кој е конзистентен со оваа спогодба и по завршувањето на постапката за усвојување на амандманите на Уставот на Втората страна, Првата страна ќе го ратификува Протоколот за пристапување на Втората страна во НАТО. Оваа постапка за ратификација ќе се заврши заедно со постапката за ратификација на оваа спогодба.

Дескоска: Со Законот за референдум не може да се менува цензусот за референдум бидејќи цензусот е уставна категорија

Претседателот Иванов донесе одлука да не го потпише указот за Законот за ратификација на договорот со Грција

Сè уште нема конечна одлука дали ќе се менува Законот за референдум, вели министерката за правда

Што се предвидува во Договорот со Грција за употребата на придавките во однос на „јавните институции и приватните ентитети“

Собранието го ратификуваше договорот со Грција

Предлог-законот за ратификација на договорот со Грција во собраниска процедура по скратена постапка

Владата ќе го достави Предлог-законот за ратификација на договорот со Република Грција

Предвидените внатрешни правни постапки во потпишаниот договор со Грција потребни за негово влегување во сила

Владата го објави текстот на договорот со Грција

М.В