/ Прочитано:

1.123

Процес за дефинирање на моделот за реформа на безбедносно-разузнавачкиот систем

На предлог на Министерството за внатрешни работи, Владата на Република Македонија ја разгледа и јa усвои информацијата за потребата од формирање на меѓуресорска работна група која ќе предложи модел на реформа на безбедносно-разузнавачкиот систем во Република Македонија, со план за негово воспоставување.

„Министерот за внатрешни работи во рок од 3 дена од добивањето на номинациите е задолжен да достави до Владата на Република Македонија предлог-одлука за формирање на меѓуресорска работна група, која ќе предложи модел на реформа на безбедносно-разузнавачкиот систем во Република Македонија со план за негово воспоставување“, соопштуваат од Владата.

„Во следниот период ќе го избереме моделот по кој ќе се одвива реформата на Управата за безбедност и контраразузнавање. Во претстојниот период Министерството за внатрешни работи ќе одржи повеќе консултации и дебати со релевантни општествени чинители, по што ќе биде избран најсоодветниот модел за реформа. Овој консултативен процес ќе го води работна група која ќе се формира со претставници од надлежните државни институции, но и со претставници од академската област, како и граѓанското општество. Нашите очекувања се дека овој консултативен процес треба да се одвива во текот на месец октомври и да заврши не подоцна од 15 ноември. Потоа, на Владата ќе ѝ се соопштат наодите од консултациите и ќе се донесе одлука за моделот. Оваа одлука ќе биде проследена и со соодветен акциски план, кој ќе содржи мерки и активности за реформата на овој сектор. Целта на оваа реформа е да добиеме служба која ќе се темели на високи професионални стандарди, воспоставување и почитување на етички кодекс и современи методи на работа и дејствување. Оваа служба мора да биде заштитена од негативни политички влијанија и нејзина единствена задача и должност ќе биде да ги штити и да ја гарантира безбедноста на државата и сигурноста на граѓаните“, образложуваат од МВР.

М.В