Процесот против браќата Бекири за фалсификување исправа e одложен поради барање за дополнителен увид во доказите
Како што истакна адвокатот на обвинетите, Мирослав Вујиќ, поради квалификацијата на предметот како предмет кој се води во скратена постапка и поради тоа што е притворски предмет, во периодот од поднесување на обвинителниот предлог до закажување на главната расправа, за која истакна дека не добил покана, немал можност да изврши увид во доказите од предметот.
Почетокот на процесот кој го поведе Основното јавно обвинителство Скопје против браќата Захир и Имер Бекири за повеќе дела како: фалсификување исправа и злоупотреба на лични податоци, беше одложен поради барањето на одбраната да ѝ биде овозможен увид во обемната доказна документација на предметот.
Како што истакна адвокатот на обвинетите, Мирослав Вујиќ, поради квалификацијата на предметот како предмет кој се води во скратена постапка и поради тоа што е притворски предмет, во периодот од поднесување на обвинителниот предлог до закажување на главната расправа, за која истакна дека не добил покана, немал можност да изврши увид во доказите од предметот.
„Ве молам да ја замолите обвинителката да ми овозможи увид во доказите и да ми достави листа на докази за да можам квалитетно да се подготвам за одбраната. Ова е маса од докази за кои јас не знам ништо и не можам ниту да подготвам докази на одбраната“, рече Вујиќ пред Судот.
Во судницата Вујиќ јавно праша зошто неговите клиенти, кои во јавноста се наречени фабриканти на лаги, документи и пасоши, блиски соработници на претседателот на СДСМ и членови на партијата, не биле дел од одлуките за помилување што ги донесе претседателот Ѓорге Иванов?
„Сето ова ме наведува на тоа дека оваа постапка треба да се води против друг и дека всушност фабриката за афери е на друго место“, рече адвокатот.
Обвинителката во случајот, Наташа Гоџовска, реплицираше на тоа дека одбраната не била повикана да изврши увид во доказите бидејќи предметот бил притворски, а обвинетиот веќе бил во затвор поради што морало да се постапува внимателно и итно.
Таа додаде дека доказниот материјал и сите списи од предметот се веќе во Судот и одбраната треба да има право на увид врз нив. Дополнително, на денешното рочиште обвинителката достави и нови докази од Државната изборна комисија за нови спорни лични карти и побара тие да бидат ставени на листата на докази.
На дополнувањето на листата со нови докази реагираше Вујиќ, според кого доставувањето на докази во фаза на главна расправа значи дека немало доволно докази за поведување на обвинение.
Пред да има можност да одлучи судијката Гордана Спиревска во врска со барањето за одложување на судењето поради увид во доказите, за збор се јави Захир Бекири-Чауш. Тој побара изземање на обвинителката од предметот бидејќи, како што истакна во неговиот говор, не го заштитила од психичното малтретирање и тепање во Обвинителството.
„На 26 февруари бев повикан од спроводот на затворот во затворската видувална каде што ми беше покажана покана за давање на исказ во Обвинителството, но ми беше речено дека поканата нема да ја добијам, но сепак ќе бидам однесен во Обвинителството, а треба да кажам дека сум бил во болница“, раскажа Бекири-Чауш. Тој додаде дека откако бил однесен во Обвинителството, 6 часа бил психички малтретиран да потпише дека работи за Зоран Заев и за Зоран Верушевски, од страна на лица за кои тој тврди дека биле директорот на УБК Љупчо Андоновски, обвинителот Јован Цветановски и уште едно непознато лице, кои му се нафрлиле да го тепаат откако не се согласил да потпише. Чауш, сепак, призна дека тој им упатил и пцости, што можеби дополнително ги револтирало лицата кои го држеле во соба во Обвинителството.
„Ми велеа да признаам дека уесбето ми го дале Заев и Верушевски инаку ќе ми ја затворат целата фамилија, што и навистина се случи. Ми рекоа ’Господ нека ти е на помош’“, додаде Чауш.
За сето тоа била запознаена и обвинителката Гоџовска, но не реагирала за да го заштити и поради тоа Чауш побара таа да биде изземена од предметот и тој да му биде даден на друг обвинител.
По куса консултација со својот адвокат, кој тврдеше дека не е запознаен со одлуката на Чауш јавно да говори во судницата, барањето за изземање на обвинителката беше повлечено, а Судот ѝ дозволи на одбраната увид во доказите пред да започне главната расправа.
Захир Бекири е обвинет за изработување и набавување оружје и средства наменети за извршување на кривично дело од членот 395 ст. 1 вв со чл. 22, фалсификување на исправа од членот 378 ст.3 вв со чл. 22 вв со чл. 45, злоупотреба на лични податоци од членот 149 ст. 1 вв со чл. 22, две кривични дела фалсификување на исправа од членот 378 ст. 3 вв со ст. 1 вв со чл. 22 , три кривични дела фалсификување на исправа од членот 378 ст. 3 вв со ст. 1 сите од Кривичниот законик, додека, пак, обвинетиот Имер Бекири се товари дека сторил кривично дело изработување и набавување оружје и средства наменети за извршување на кривично дело од членот 395 ст. 1 вв со чл. 22, фалсификување на исправа од членот 378 ст. 3 вв со чл. 22 вв со чл. 45, злоупотреба на лични податоци од членот 149 ст. 1 вв со чл. 22 , фалсификување на исправа од членот 378 ст.3 вв со ст. 1 и две кривични дела фалсификување на исправа од членот 378 ст. 3 вв со чл. 22.
Марија Севриева