/ Прочитано:

940

Прв периодичен извештај за работата на Собранието: Анализа на законодавните постапки, работата на комисиите и пратениците

Во рамките на проектот „Индекс на одговорност, транспарентност и продуктивност на Собранието на РМ“, Граѓанската асоцијација „МОСТ“ денес го објави првиот периодичен извештај од набљудувањето на работата на Собранието на РМ. Овој извештај претставува продолжение на проектот „Вклучени граѓани за отворено и транспарентно Собрание“ и содржи податоци податоци за работата на Собранието во периодот 1 април – 30 јуни 2018 година.

Анализа на законодавните постапки

Според обработените податоци, во периодот 1 април – 30 јуни 2018 година во тек биле вкупно 210 постапки за донесување на закони, од кои 132 закони се донесени; 27 закони се во процедура, 8 закони се повлечени, а еден закон е неприфатлив. Од донесените 132 закони, 13 се нови закони; 113 се измени на постоечки закони и 6 се ратификации.

Во овој период пратениците се главни предлагачи на закони, со 65,1% од донесените закони, за разлика од претходниот период кога 71,4% од донесените закони беа предложени од Владата.

11 закони се донесени по скратена постапка (8,7%), а 115 (91,3%) по редовна постапка. Според анализата, продолжува позитивниот тренд на носење закони по редовна постапка, започнат во претходниот период на набљудување. Во набљудуваниот период донесени се 6 закони за хармонизација со правото на ЕУ.

Анализа на работата на комисиите

Во периодот 1 април – 30 јуни 2018 година седници одржале 18 од 21 комисија, а нивната работа се анализираше преку три категории: транспарентност, квалитет на записници и вклученост на засегнати страни.

Транспарентноста на работата на комисиите е намалена во однос на усвојувањето на записниците, но е зголемена во однос на објавувањето на извештаите и стенографските белешки од јавните расправи. 5 од 14 комисии кои одржале седници исполниле над 50% од критериумите за транспарентност. Објавени се стенографските белешки од 3 јавни расправи и 2 извештаи од 11 одржани јавни расправи. Kвалитетот на записниците е на повисоко ниво во споредба со претходниот период на мониторинг:

Нивото на вклученост на засегнати страни во овој период е повисоко, пред сè, поради поголемиот број на одржани јавни расправи. Имено, се вели во анализата, одржани се 6 јавни расправи по предлог-закон и 5 јавни расправи на општа тема. Бројот на одржани јавни расправи во голема мера го надминува просечниот број на расправи за еден квартал.

За првпат по септември 2016 година одржана е надзорна расправа, организирана од Комисијата за култура. Само на 3 седници биле присутни експерти и граѓански организации како засегнати страни.

Анализа на работата на пратениците

Во овој период пратениците се главни предлагачи на донесените закони, за разлика од претходниот период кога Владата имаше предложено поголем број од донесените закони. Според податоците, 19 закони биле предложени од вкупно 90 пратеници. Донесени биле 82 закони предложени од пратеници, и тоа 6 по предлог на вкупно 14 пратеници во овој период на мониторинг и 76 закони предложени во претходниот период на мониторинг.

Во процедура се 5 закони поднесени од вкупно 77 пратеници. Повлечени биле 7 закони предложени од пратеници. Неприфатлив е само еден закон предложен од 22 пратеници.

М.В