/ Прочитано:

1.546

Прв регионален Дигитален самит за земјите од Западен Балкан

Овие два дена Македонија е домаќин на еден од најголемите регионални настани за оваа година – Дигиталниот самит за земјите од Западен Балкан. Настанот претставува дел од Берлинскиот процес и има цел регионална координација за приближување на регионот до Европската Унија.

Во последната Стратегија за Западен Балкан и за проширувањето на Европската Унија за првпат значајно место има развојот на дигиталната агенда. Дигиталниот самит претставува единствена можност да се разговара за сите прашања нотирани во Стратегијата, како што се: намалување на цените на роамингот, сајбер безбедноста, зголемување на дигиталните вештини на граѓаните. Официјалната програма на Самитот содржи четири панел-дискусии за: дигитални вештини, за ИТ-безбедност, за дигитално поврзување и за дигитална економија и општество.

„Дигиталната револуција ги отстрани географските бариери. Дигитализацијата е можност што не смее да се пропушти, ако сакаме да ја обезбедиме иднината за нашите општества, за нашите деца и за идните генерации. Дигиталната трансформација и придобивките од дигиталното поврзување се во срцето на новите акции на ЕУ. Овие акции и политики се аплицираат во сите земји членки и во сите региони, а регионалната соработка има клучно значење во поврзувањето на државите, граѓаните и економиите на Западен Балкан“, истакна претседателот на Владата, Зоран Заев на денешниот самит.

Министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски, еврокомесарката за дигитална економија и општество, Марија Габриел, и генералниот секретар на Советот за регионална соработка, Горан Свилановиќ, на заедничката прес-конференција се осврнаа  на значењето на првиот Дигитален самит што се одржува во Скопје.

„Дигиталниот самит за земјите од Западен Балкан е потврда дека сите работиме во една насока. За нас Западен Балкан е дел од Европската Унија, а со дигиталната трансформација ќе успееме да ја подобриме соработката. Дигиталната трансформација ги менува нашите животи, а тоа е признаено и од политичарите. Во последната Стратегија на ЕУ дигитализацијата е високо на политичката агенда. Пред нас се важни проекти, како што се намалувањето на цените на роамингот и сајбер безбедноста“, посочи еврокомесарката Габриел.

„Дигиталната трансформација е неопходна за зголемување на квалитетот на животот на граѓаните“, рече генералниот секретар на СРС, Свилановиќ. Тој истакна дека придобивките од дигитализацијата се во сите аспекти на живеењето, вклучително и намалувањето на корупцијата.

„Ова е шанса Западниот Балкан да биде дел од ЕУ, независно од политичката агенда. Овој настан е ретка можност да се дефинираат заедничките цели“, рече Свилановиќ.

Министерот Манчевски, како домаќин на првиот Дигитален самит, се осврна на пораката која се испраќа со организирање на овој настан.
„Конечно, балканските земји се заедно, во заеднички напори да направиме нешто повеќе за нашите граѓани. Покрај сите политички прашања, покрај сите историски предизвици, се собравме тука денес како што ќе се собереме за еден месец повторно во Софија, а потоа во Лондон, за да кажеме дека земјите од Западен Балкан се обединети во дигиталната трансформација. Дека имаме волја, посветеност и соработка заедно да ја прифатиме промената.  Дека ова е историска можност Западниот Балкан да стане пример. Добар пример. Не на начинот на кој бевме познати во минатото. Ние веќе и работиме заедно“, истакна министерот Манчевски.

„Моите очекувања од овој самит се големи. Очекувам многу добри вести за нашите граѓани. Очекувам драстично да се намалат цените за роаминг во регионот и со ЕУ. Очекувам да договориме заеднички настап за подобрување на пристапот до широкопојасен интернет. Очекувам Западниот Балкан да стане следната ИКТ-дестинација во светот. Очекувам нашите млади да бидат предводници во подигнувањето на дигиталните вештини и да останат во своите родни земји. Очекувам меѓусебно да си ги признаеме дигиталните сертификати. Очекувам Балканот дигитално да се интегрира во ЕУ, многу побрзо отколку политички. Но не само што очекувам, искрено верувам дека сето ова ќе се реализира“, заклучи министерот Манчевски, посакувајќи продуктивен Дигитален самит.

М.В