Прв Регистар на органски оператори
Преку 600 оператори со органски производи се опфатени со Регистарот на органски оператори, кој ќе биде промовиран денеска од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.
Ова е прв Регистар на органски оператори во земјава, а опфаќа производители, преработувачи и трговци. Регистарот содржи податоци за секој производител, преработувач и трговец со органски производи, но доминираат производителите.
Практично, појаснува Габриела Мицевска од ИМЕ-програмата финансирана од Швајцарската агенција за развој и соработка, се овозможува пристап до информации во секое време за тоа каде има органски производи, кој ги произведува и каков вид органски производи се нудат. Во регистарот се наведени и контакти на операторите, па кој сака може да комуницира директно со нив.
Швајцарската агенција за развој и соработка му помогна на Министерството за земјоделство да го изготви регистарот.