/ Прочитано:

858

Прв состанок на Мрежата на национални превентивни механизми од Југоисточна Европа

Народниот правобранител – Национален превентивен механизам првпат е домаќин и претседавач на Мрежата на националните превентивни механизми на Југоисточна Европа, која оваа година одбележува шест години од своето формирање. Одржувањето на овој важен настан е финансиран од Мисијата на ОБСЕ во Скопје.
Годинешната средба на националните превентивни механизми на Југоисточна Европа е посветена на Стратегијата за заштита од репресалии (употреба на казниви мерки), како и усогласување на заедничка методологија за постапување поврзана со превенцијата и заштитата од репресалии врз лицата кои соработуваат и им даваат информации на националните превентивни механизми.

На овој настан, покрај народниот правобранител Иџет Мемети, свои обраќања  имаа и амбасадорот Клеменс Која, шеф на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, членови од Поткомитетот за превенција од тортура на Обединетите нации (SPT), како и претставници на националните превентивни механизми од Албанија, Австрија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Грција, Косово, Северна Македонија, Србија, Словенија, Унгарија, Хрватска и Црна Гора.

„Потребно е градење добри практики за начинот на кој се штитат лицата од тортура, кои даваат информации до Народниот правобранител. Тоа е наш заеднички предизвик. Националните превентивни механизми и Народниот правобранител мора да дојдат до подобри информации за местата на лишување од слобода и можноста на поефикасен начин да ги отстранат ризиците од мачење и тортура“, беше истакнато на денешниот настан.

„За да добиеме подобри информации, треба да се тргне ризикот од лицата што ги даваат тие информации, било тоа да се жртвите или организациите што нè информираат нас. Тоа може да се постигне ако сме погласни и ако утврдуваме политики и стратегии кои ќе влијаат да се намали тој ризик. Свесни сме дека во нашите секојдневни заложби треба да превенираме акти на тортура во местата на лишување од слобода. Тоа е уште поголем предизвик за нашата работа, кој налага потреба од посериозен пристап во дејствувањето. Заплашувањето и репресалиите се сериозни прекршувања на човековите права“, рече Мемети.

М.В