/ Прочитано:

1.789

Прв состанок на работната група во МОН: Почнува постапката за носење нов закон за високото образование

Министерката за образование и наука, Рената Дескоска-Треневска појасни дека пред да се донесе нов закон за високото образование ќе има квалитетна дебата за да се изнајдат најсоодветни решенија, па од овие причини, како што рече, нема да се брза со носење на законот. Според неа, најдобро е новиот закон за високо образование да биде донесен до крајот на годинава.

Работната група формирана во рамки на Министерството за образование и наука денеска го одржа првиот состанок, со што практично почнува постапката за носење нов закон за високото образование.

Ресорната министерка Рената Дескоска-Треневска изјави дека новиот закон ќе ги опфаќа сите аспекти од областа на високото образование, односно статусот и организацијата на Универзитетот, надлежностите на Сенатот, начинот на управување на факултетите, статусот на наставниците, начинот на кој студентите ќе се организираат во рамки на Универзитетот, како и процесот на нострификација на дипломите.

„Постојниот Закон за високото образование е многупати менуван и тој е нејасен и конфузен, поради што наша цел е да направиме еден нов закон за високото образование. Во моментот правни експерти дури имаат и проблем да лоцираат која одредба кога стапува во сила, со оглед на тоа што претходната влада носеше законски измени на овој закон коишто не беа обмислени и постојано ставаше нови измени со кои ги одложуваше измените“, потенцираше министерката Дескоска.

Министерката појасни дека пред да се донесе нов закон за високото образование ќе има квалитетна дебата за да се изнајдат најсоодветни решенија, па од овие причини, како што рече Дескоска, нема да се брза со носење на законот. Според неа, најдобро е новиот закон за високо образование да биде донесен до крајот на годинава.

„Периодот ќе биде малку незгоден поради локалните избори кога Парламентот не работи. За мене ќе биде оптимално ако успееме да го донесеме законот до крајот на годината. Тоа би било идеална ситуација“, рече министерката за образование и наука. 

Според Професорскиот пленум, одржувањето на денешниот прв состанок на работната група, во суштина, ги покажува волјата и желбата на Министерството за образование и наука да се сменат работите во оваа исклучителна важна област, и тоа во позитивна насока. 

„Професорскиот пленум ги застапуваше ставовите за фактичка автономија на Универзитетот, а не само декларативна. Покрај тоа, постојат и низа прашања коишто треба да бидат разгледани од аспект на припадноста на нашиот систем за високо образование кон европскиот простор за високо образование, нивната компатибилност, потоа аспектите што се поврзани со начинот на студентското организирање и нивно партиципирање во процесите на управување со универзитетите“, изјави професор Влатко Коробар.    

Што се однесува, пак, до барањата на Студентскиот пленум, тие нагласуваат дека ќе инсистираат студентските тела да бидат дел од универзитетите, а не да функционираат како невладини организации. 

„Во овој момент ќе бараме СПУКМ и другите студентски тела во рамки на универзитетите да бидат дел од универзитетите, а не невладини организации. Тоа е првото нешто што сакаме да го предложиме на оваа прва средба“, рече Теодора Столевска од Студентскиот пленум.

Покрај претставници од Професорскиот и Студентскиот пленум, на денешната средба беа поканети и претставници од повеќе универзитети, како и од синдикатите од областа на образованието.

А. Б.