/ Прочитано:

1.452

Прва конференција на ЗТСП посветена на актуелните состојби во трудовото и социјалното право

Во Скопје денеска започна конференцијата посветена на трудовото и социјалното право. Конференцијата е во организација на новоформираното Здружение за трудово и социјално право на Северна Македонија, чиј претседател е професорот по трудово право Тодор Каламатиев, а почесен претседател е професорката Гзиме Старова.

Организирањето на конференцијата кореспондира со прославата на 100-годишниот јубилеј од конституирањето на Меѓународната организација на трудот (МОТ). На конференцијата ќе говорат универзитетски професори и познати експерти по трудово и социјално право од земјата и од регионот, како и претставници на синдикатите и на бизнис-секторот.

Во своето воведно обраќање професорот Каламатиев истакна дека стратешките цели на Здружението се проучувањето, унапредувањето и популаризирањето на трудовото и социјалното право во Македонија.

ЗТСП има амбиција да се наметне како активен фактор во креирањето на трудовите и социјалните политики во земјата, но и како препознатлив форум, во кој поширок круг на релевантни чинители од Македонија и од странство ќе имаат можност да ги искажат своите мислења, ставови и критика за теми во сферите на теоријата и практиката на трудовото и социјалното право во најширока смисла.

Здружението, подвлече професорот, ќе ја промовира науката за трудовото и социјалното право, ќе ги следи промените во трудовото и социјалното право на домашен и на меѓународен план, ќе дава научен и стручен придонес во хармонизацијата на законодавството со европската регулатива, ќе поттикнува дијалог и критичко размислување, ќе ја промовира пристојната работа, ќе ги мотивира студентите за проучување на комплексната трудовоправна тематика и ќе има интензивна соработка со меѓународните и домашните институции.

Професорката Старова нагласи дека Здружението има големо значење за општеството затоа што, како што потенцираше, акцентот го става на прашањата кои живот значат.

Во својот инспиративен говор пред бројните учесници таа истакна дека Здружението со сите свои членови, кои се посветени на трудовото и социјалното право, ќе настојува да биде активен учесник во процесите од трудовоправната област, која пак е тесно поврзана економско-социјалната област.

Здружението, подвлече Старова, ќе биде посветено на работните односи и на работничките права како клучен елемент во севкупното општествено живеење.

Александар Ристовски, доцент по трудово и социјално право на Правниот факултет „Јустинијан Први”, во своето обраќање ги поздрави заложбите на професорите и членовите на Здружението за формирање на организација која доследно ќе ги следи аспектите на трудовото и социјалното право.

На конференцијата, меѓу другото, се дебатира и за состојбите, за проблемите и за предизвиците што треба да се решаваат со новото работно законодавство во Македонија.

Во таа насока, според најавата, на денешниот настан ќе говорат Красимира Средкова, редовен професор по трудово право и право на социјално осигурување на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ во Софија – Правен факултет и претседател на Бугарската асоцијација за трудово право и социјално осигурување, потоа Сенад Јашаревиќ, редовен професор по трудово и социјално право на Универзитетот во Нови Сад – Правен факултет и претседател на Здружението за трудово право и социјално осигурување на Србија, и Емил Крстановски, национален координатор на Меѓународната организација на трудот и Македонија.

Говорници на настанот се и Мирјанка Алексевска од Министерство за труд и социјална политика, Дарко Димовски и Слободан Трендафилов од Сојузот на синдикати на Македонија, потоа Благоја Ралповски и Јаким Неделков од Конфедерацијата на слободни синдикати на Македонија, како и  Ангел Димитров  од Организацијата на работодавачи  и Миле Бошков од Бизнис-конфедерација на Македонија.

Конференцијата ќе ја заокружат излагањата на: Лазар Јовевски, професор по трудово право од Правниот факултет „Јустинијан Први“ – Скопје, Борче Давитковски и Ана Павловска-Данева, професори по управно право на Правниот факултет „Јустинијан Први“ – Скопје, Љубинка Ковачевиќ, професорка од белградскиот Правен факултет, Албена Стојанова, асистент од Правниот факултет при Универзитет „Св. Климент Охридски“ во Софија, и Нано Ружин, професор  од Универзитетот ФОН.

Ќе се одржи конференција за состојбите во трудовото и социјалното право, во организација на ЗТСП

M.В