ПРВА ОБУКА ОД ВТОРИОТ ЦИКЛУС ОБУКИ „СТРУКТУРА НА ВЛАСТА ВО РМ“: Преглед на структурата на власта во Република Македонија
Денеска во најсовремениот едукативен и тренинг центар на Академик се одржа првата од вториот циклус обуки, посветен на прашањето за структурата на власта во Република Македонија.
На денешната обука се даде детален преглед на структурата на власта во Република Македонија. Основна задача на денешната обука е детално да ги објасниме позициите на носителите на власта во Република Македонија, истакна предавачот на денешната обука, м-р Татјана Трендафилова, експерт за јавна администрација и европски политики и еден од најдобрите познавачи на прашањата кои се однесуваат на структурата на власта и на македонското законодавство.
На почетокот од своето излагање, Трендафилова се осврна на начелото на поделба на власта. Според Уставот на РМ, истакна м-р Татјана Трендафилова, поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска е темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија.
Поделбата на власта има за цел, како што рекол и Монтескје, истакна м-р Трендафилова, воспоставување на контролни механизми. Тие контролни механизми се особено важни за да се оствари рамнотежа меѓу властите.
Во таа насока, Трендафилова со своето излагање говореше за носителите на власта и тоа за Собранието на РМ како законодавна власт, за Владата и за претседателот на РМ како извршна власт, како и за судовите и Судскиот совет како судска власт.
Осврнувајќи се на судската власт, м-р Трендафилова на студентите им нагласи дека неа ја вршат Врховниот суд, апелациони судови кои во Македонија се вкупно четири, потоа основни судови, нивниот вкупен број е 27, Управен суд и Виш управен суд.
Надлежностите и работата на овие институции се регулирани со Уставот на Република Македонија и со повеќе закони: Закон за судови, Закон за управни спорови, Закон за судски буџет и Закон за плати на судиите.
Во своето излагање, м-р Трендафилова се осврна и на собраниските тела и во таа насока, на денешната обука се елаборираа функциите и надлежностите на Комитетот за односи меѓу заедниците, надзорните тела како што се Народниот правобранител, Државниот завод за ревизија, Агенцијата за администрација, Државната комисија за спречување на корупцијата и Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер.
Исто така, на обуката се говореше и за регулаторните тела, извршните органи, Јавното обвинителство, Советот на јавни обвинители, Академијата за судии и јавни обвинители, Уставниот суд и Народната банка на РМ.
Воедно, на обуката се елаборираа и прашања за локалната самоуправа, услугите, фондовите и јавните претпријатија. На граѓаните, беше истакнато на обуката, според Уставот им се гарантира правото на локална самоуправа.
„Прашањата за кои говореше предавачката Татјана Трендафилова се мошне актуелни и потребни за нас како студенти по право. Особено е позитивно што на обуката мошне јасно беше образложена структурата на власта, какви се релациите помеѓу органите и која институција со кој закон е регулирана. Предавачката имаше одличен осврт и за судството и за Уставниот суд. Многу убаво беше образложено и прашањето за локалната самоуправа“, коментираат студентите по право.
Студентите додаваат и дека практичните обуки за нив се голем придонес во нивното академско надградување, што во нивниот понатамошен развој како правници ќе има големо значење. Практичната едукација, велат студентите, е клучна. Мора да се знае како во согласност со законите функционираат државните институции, но и какви акти се подготвуваат во и за тие институции, особено во судските институции.
„Спојот на теоријата со практичната обука за пишување на поднесоци со прашањето за структурата на власта се мошне умешно избрани теми. Предавачката Трендафилова беше одлична. Очигледно дека се работи за вистински професионалец со големи познавања на правото“, истакнуваат студентите по право.
(Деталите за практичните обуки за студенти можете да ги погледнете и на следниов линк.)
Академик започнува нов циклус обуки посветени на практичната едукација на студентите по право