/ Прочитано:

1.162

Прва регионална конференција за факторинг како алтернативен начин на финансирање

Во организација на проектот на УСАИД за факторинг, имплементиран од Фактор труст, а во соработка со Стопанската комора на Македонија, Меѓународната организација за факторинг (Factor Chain International) и Македонската банкарска асоцијација се одржа Првата регионална конференција за факторинг како алтернативен начин на финансирање.

Целта на настанот е да се зголеми разбирањето за факторингот како алтернативен извор на финансирање кај компаниите и кај пошироката јавност, како и да ги упати домашните финансиски институции кои работат со факторинг да ги применат најдобрите практики за финансирање.

Свое обраќање на конференцијата имаше Кочо Анѓушев, заменик на претседателот на Владата на РМ задолжен за економски прашања и за координација со економските ресори, којшто го поздрави денешниот настан и истакна дека поддршката за малите и за средните компании, кои се двигател на  економијата, е од големо значење кога се реализира во која било форма. Нивниот развој значи и развој на економијата во целина. Оттука, секоја алатка која помага во одржување на растот и развојот на компаниите треба да биде препознаена и да се обезбеди нејзина максимална примена и корист. Факторингот, како алтернативен извор на финансирање, го помага растот на претпријатијата, обезбедувајќи брз пристап до финансиски средства, ја подобрува ликвидноста на фирмите, помага за нивно поефикасно развивање и нуди флексибилни финансиски решенија, прилагодени за деловните потреби, додаде Анѓушев.

Претставникот од Канцеларијата на УСАИД во Република Северна Македонија Гречен Брил, во своето обраќање, посочи дека факторингот има огромен потенцијал да помогне во развојот на бизнисот. Како финансиско решение, нуди непосредна и достапна ликвидност за микро, мали и средни претпријатија и им овозможува да го зголемат производството, продажбата и приходите.

„Со помош на нашите експерти од проектот на УСАИД за факторинг веќе им помогнавме на 60 компании во Северна Македонија да добијат финансии преку факторинг“, истакна Брил.

„Целта на факторингот е да се информираат компаниите и финансиските институции за начинот на неговата примена како финансиски инструмент за финансирање и во наредниот период да видиме успешно имплементирани приказни“, посочи заменик-министерката за финансии, Ширет Елези.

Најновите трендови за факторингот беа презентирани од страна на Панос Папатеодору, член на Извршниот комитет на Меѓународната организација за факторинг, кој истакна дека тоа е водечка меѓународна организација за факторинг на независни факторинг компании низ целиот свет, со репрезентативна мрежа за факторинг од околу 400 члена во 90 земји.

Оваа организација има цел воведување на факторингот во земјите каде што сè уште не е достапен, како и развивање рамка (платформа) за меѓународно финансирање, што ќе им овозможи на факторинг компаниите, членки на Меѓународната организација за факторинг, извозниците и увозниците да воспостават блиски меѓусебни односи и соработка. Концептот на двостепен факторинг и можноста на него да се работи без регрес сѐ уште е нов, но нуди огромни можности за малите и средните претпријатија. Организацијата е глобален претставник на факторинг индустријата во светски рамки.

На  панел-дискусијата панелистите: Сузана Тунтева, претседател на Надзорниот одбор на Фактор труст, Дарко Гичев, заменик-директор на Секторот за корпоративно банкарство при Стопанската банка АД Скопје, Даниела Лопичиќ, извршен директор во АБЛ Фактор ДОО Белград и Дејан Барбутовски, управен директор, А.Б.С Факторинг д.о.о. Словенија, дискутираа и споделија позитивни искуства за можностите и за предизвиците со коишто се соочува финансиската индустрија за побарувања и обезбедување на финансиски решенија за малите и средните претпријатија.

Проектот за факторинг е тригодишна активност која започна во октомври 2017 година и има цел да ја зголеми конкурентноста на малите и средните претпријатија (МСП) во Северна Македонија и да ги прошири нивните пазарни можности преку искористување на алтернативни извори на финансирање. Проектот ги поддржува малите и средните претпријатија преку едукација и информирање за пристап кон алтернативни можности за финансирање. Факторингот го помага растот на претпријатијата преку обезбедување брз пристап до финансиски средства и забрзување на готовинскиот тек на фирмите, со што се поттикнува нивниот поефикасен развој.

Факторингот како алтернативен извор на финансирање

Судиите на советување за факторинг

Факторинг како финансиско решение кое овозможува раст на мали и средни претпријатија

Кон публикацијата „199 Обрасци на договори од трговското работење и од имотното право“ – интервју со проф. д-р Горан Коевски и доц. д-р Дарко Спасевски

М.В