/ Прочитано:

936

Прва средба на членовите на Комисијата за собраниските инциденти од 24 декември

Петок, 14 јуни 2013 – Денеска во кабинетот на претседателот Ѓорге Иванов ќе се одржи првата средба на Ад-хок комисијата за расчистување на случувањата пред и во Собранието на Република Македонија на 24 декември минатата година.

Во присуство на шефот на државата на заедничка маса ќе седнат претседателот на Комисијата и декан на Правниот факултет, Борче Давитковски, универзитетските професори Рената Дескоска и Љубомир Фрчкоски предложени од СДСМ, и пратениците Благородна Дулиќ и Илија Димовски од ВМРО-ДПМНЕ.

На првиот состанок не се очекува суштинска расправа, туку да бидат утврдени процедурите по кои ќе работи Комисијата и местото каде што ќе заседава.

Комисијата  најмногу за два месеца треба да подготви извештај и заклучоци за настаните од 24 декември.

Формирањето на Комисијата, што беше дел од политичкиот договор меѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ постигнат во март годинава со посредство на еврокомесарот Штефан Филе и европратеникот Ричард Ховит, го поздравија Европската комисија и претседателот Ѓорге Иванов.

ЕК очекува Комисијата да работи експресно и заклучоците и наодите да бидат обелоденети во блиска иднина.

Претседателот Иванов, пак, оцени дека со формирањето на Комисијата е исполнета една преземена обврска од Пролетниот извештај на ЕК за Македонија.  Очекува таа да ја заврши својата работа, односно да даде суд за случувањата на 24 декември.

Тој ги повика партиите, покрај формирањето на Комисијата, да најдат начини да ја исполнат и другата обврска – потпишување на меморандумот за поддршка на евроинтегративниот процес.