/ Прочитано:

2.555

Прва средба на членовите на Советот за реформа на правосудниот сектор

Во Министерството за правда се одржа првата средба на членовите на Советот за реформа на правосудниот сектор.

Како што информираат од Министерството за правда, министерот за правда Билен Саљији ги запознал членовите на Советот со активностите на Владата на Република Македонија што се преземаат во правец на реализација на итните реформски приоритети.

Воедно, додаваат од Министерството, министерот ја истакнал улогата на Советот за реформа како советодавно тело чија примарна задача е расправа за најзначајните одлуки за правните прашања од Стратегијата за реформа на правосудниот сектор во процесот од работна верзија, нацрт до нејзино конечно усвојување, како и за законските решенија што ќе произлегуваат од истата.

Министерот за правда ги предочил очекувањата на Министерството за правда и ја истакнал можноста Советот самиот да иницира прашања, законски измени, како и да ги дефинира најдобрите пракси за надминување на сите отворени проблеми и дилеми во правосудниот сектор.

Секоја тема за која се смета дека е битна за реформите во сферата на правосудството е потребно да се актуализира и да се иницира расправа. Мислењата и насоките на Советот за реформа ќе бидат презентирани на оперативните работни групи и на седниците на Владата на Република Македонија.

„Министерот нагласи дека Советот ќе има клучна задача во следење на активностите што ќе произлезат за реализација на Стратегијата и нејзиниот Акциски план за наредните 5 години. По размена на мислењата на членовите на Советот и дискусијата за состојбите се разграничи надлежноста на Советот за реформа на правосудниот сектор од реализацијата на Планот за итните реформски приоритети и се утврди динамиката за работа на Советот, за што јавноста дополнително ќе биде известена“, истакнуваат од Министерството за правда.

М.В