Прва тематска средба за родово сензитивни политики и процедури во Собранието
Со поддршка на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, Комисијата за еднакви можности на жените и мажите и Клубот на пратенички ја организираа првата работна средба за родово сензитивни политики и процедури во Собранието на Република Северна Македонија на тема: „Репрезентативност во раководството, работните тела, делегациите и службата“.
На работната средба учествуваа членови и заменици на членовите на Комисијата за еднакви можности на жените и мажите, како и на Клубот на пратенички, потоа претставници од стручната служба, од граѓанското општество и од меѓународните организации.
На средбата воведни излагања имаа претседателката на Комисијата за еднакви можности на жените и мажите, Силјановска-Давкова, која овие средби ги окарактеризира како логични и навремени, со оглед на тековните расправи и процеси околу Деловникот и Законот за Собрание. Силјановска-Давкова, исто така, укажа дека е важно понудените решенија во севкупната легислатива и системскиот пристап да бидат компатибилни бидејќи само во тој случај политиките ќе бидат родово сензитивни.
Претседателката на Клубот на пратенички, Лолита Ристова, се осврна на конкретни примери, со илустрација на состојбите во составот на работните тела и делегации во Собранието, упатувајќи на потребни интервенции во Деловникот, како и на потребата од системско унапредување на парламентарниот надзор на родовата еднаквост.
По презентациите на тековната состојба во раководството, работните тела, делегациите и службата на Собранието на Република Северна Македонија, како и на препораките на ОДИХР од анализата на Деловникот и Законот за Собрание од аспект на родот и различностите и Нацрт-законот за родова еднаквост, следуваше дискусија, на којашто учесниците придонесоа со конкретни сугестии, предлози и идеи за унапредување на политиките и процедурите во законодавниот дом.
Следната работна средба во циклусот на активности за родово сензитивни политики и процедури во Собранието на Република Северна Македонија ќе биде на тема: „Родово сензитивно законодавство и надзор“.
М.В