Првата дама на Франција нема да добие формален статус, петицијата ја потпишаа 300.000 граѓани
Според француската влада, Брижит Макрон нема да ја добие официјалната титула прва дама на државата, откако на онлајн-петицијата насловена: „Против статусот прва дама за Брижит Макрон“ се потпишаа безмалку 300.000 граѓани.
Францускиот претседател Емануел Макрон нема да ѝ додели формален статус, односно официјална позиција на својата сопруга Брижит Макрон.
Според француската влада, Брижит Макрон нема да ја добие официјалната титула прва дама на државата, откако на онлајн-петицијата насловена: „Против статусот прва дама за Брижит Макрон“ се потпишаа безмалку 300.000 граѓани.
Иницијаторот на петицијата Тиери Пол Валет, кој е основач на Движењето за национална еднаквост и борба против корупцијата, смета дека воопшто не постои каква било причина сопругата на шефот на француската држава да располага со буџет од јавните средства.
„Брижит Макрон во моментов располага со екипа од два до три соработници, како и со два секретара и два агента за обезбедување, и тоа е доволно“, појаснува Валет при покренувањето на онлајн-петицијата.
Во моментот кога француската држава сака да штеди во буџетот за армијата и сака да се подигне моралот во политичкиот и во јавен живот, како што нагласува Валет, најавите дека сопругата на претседателот на Франција треба да добие формален статус претставуваа проблем на национална совест.
Во оваа насока граѓаните на Франција истакнуваат дека јавноста во земјата не е расположена за какви било политички експерименти, нагласувајќи дека силно ги подржуваат иницијативите за носење нови законски регулативи со кои на членовите на владата ќе им се забрани да вработуваат свои роднини на високи функции.
„Повелба за транспарентност“ ќе биде објавена во следните неколку дена за да се разјасни позицијата на сопругата на Емануел Макрон, но претседателските помошници инсистираат нејзината улога да биде строго јавна, а не политичка.
За време на претседателската кампања Емануел Макрон изјави дека сака да го дефинира статусот на сопругата на шефот на француската држава.
Неговата идеја, всушност, беше Брижит Макрон да биде во официјалниот состав на владата на Франција, слично како што во САД постои долга традиција сопругата на претседателот да биде и прва дама со специфична политичка агенда.
А. Б.