/Прочитано:

2.410

Првиот академски час за учебната 2017/2018 година ќе се одржи утре на Правниот факултет „Јустинијан Први“

 Учебната 2017/2018 година на Правниот факултет „Јустинијан Први“ – Скопје ќе започне со прв академски час на 15 септември 2017 година, со почеток во 10 часот во аулата на Факултетот.

На првиот академски час ќе се обратат: проф. д-р Никола Јанкуловски, ректор на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, проф. д-р Горан Коевски, декан на Правниот факултет „Јустинијан Први“ – Скопје,  Наташа Трпеноска-Тренчевска, адвокат, основач и управувачки партнер на Адвокатско друштво „Трпеноски“, Александар Шопов, судија, претседател на Основен суд Велес, Анѓелка Пеева-Лауренчиќ, основач и директор на „Имиџ ПР“, Тревор Џонстон, твининг-проект: „Развој на соработката помеѓу високообразовните установи, приватниот сектор и релевантните јавни тела“ и Викторија Спасовска, најдобра студентка на прв циклус на студии во 2015/16.

Наставата на факултетот, посочуваат од „Јустинијан Први“, ќе започне на 18 септември и ќе се одвива според распоредот на часови за групите.

Правниот факултет „Јустинијан Први“ е најстарата високообразовна установа во Република Македонија од сферата на правните, политиколошките и комуниколошките науки. Основан е со Уредба на Владата на НР Македонија од 3 ноември 1951 година како отсек на Правно-економскиот факултет на Универзитетот во Скопје, а од 1 јули 1956 година работи како прва, самостојна високообразовна институција од областа на правните науки. Во 2001 година Правниот факултет, по повод 50-годишнината од своето постоење, со одлука на Наставно-научниот совет беше преименуван во Правен факултет „Јустинијан Први” (Facultas Iuridica lustinianus Primus). Во 2016 година, Правниот факултет ја прослави 65-годишнината од своето постоење.

Ден на Факултетот е 3 ноември, денот кога со Уредбата донесена од страна на Владата на НР Македонија беше основан Правно-економскиот факултет. На Правниот факултет традиционално се одбележува и 10 декември како меѓународен ден на правата на човекот.

М.В