Првиот човек на МПМ Срѓан Ќерим ја повлече тужбата против „Фокус“, ССНМ ја поздрави одлуката

Вторник, 2 април 2013 –  Првиот човек  на Управниот одбор на Медиа Принт Македонија (МПМ) д-р Срѓан Керим, ја повлече тужбата против дневниот весник „Фокус“. Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) ја поздрави одлуката за повлекување на тужбата за клевета против весникот „Фокус“ чиј основач Никола Младенов, загина во сообраќајка минатата недела.

Првиот човек  на Управниот одбор на Медиа Принт Македонија д-р Срѓан Керим, ја повлече тужбата против дневниот весник „Фокус“, информираат од адвокатската канцеларија Софрониевски. 

„Сочуствувајќи со семејството на трагично загинатиот сопственик на друштвото за новинско издавачка дејност Фокус Прес ДОО Скопје Никола Младенов, нашиот клиент д-р Срѓан Керим не овласти да ја повлечеме во целост поднесената тужба заведена пред Основен суд Скопје 2“, се вели во соопштението на адвокатската канцеларија Софрониевски.

ССНМ воедно апелира до сите кои имаат поднесено тужби за клевета против весникот, уредникот или новинарите на Фокус да го следат примерот на Срѓан Керим и да ги повлечат обвинувањата во интерес на слободата на печатот.

„Тужбите, без оглед на нивниот исход, претставуваат исцрпување на медиумот и новинарите и притисок врз слободната и критична мисла која е суштинска карактеристика на професионалното новинарство како столб на демократијата на едно општество“, стои во соопштението на СННМ.