/ Прочитано:

1.243

„ПРВО АНАЛИЗА, ПОТОА ИНВЕСТИЦИЈА“ – Адвокатот Филип Пенсол за правните ризици низ призмата на договорното и арбитражно право

Реномираниот француски адвокат Филип Пенсол, управувачки партнер на париската канцеларија на Адвокатското друштво „Квин Емануел“ од Париз, Франција, вели дека ризикот е секогаш присутен при инвестициите и затоа е неопходно да се склучи долгорочен договор за овие инвестиции, кој ќе има јасни клаузули.

akademik foto 1

Компаниите што инвестираат во областите каде што инвестициите се надоместуваат во текот на неколку години често се соочуваат со регулаторен ризик. На овие компании им е потребна стабилност, вели најдобриот француски адвокат за арбитражи. Оттука, поврзано со инвестициите, додава адвокатот, при склучувањето на долгорочните договори, на овие компании секогаш може да се им случи ризикот на промена околностите.

„Тоа е разбирливо затоа што ваквите договори се однесуваат на инвестиции на голем финансиски капитал и за чија реализација е потребен подолг временски период“, истакнува Пенсол.

„Во таа смисла, се поставува прашањето што треба да се направи првенствено. Првенствено ваквите економски активности бараат посериозна анализа, особено во однос на финансиската стабилност и регулаторната стабилност. За опсежни инвестиции е потребна таквата анализа, па дури потоа доаѓа инвестицијата. Ризикот секогаш е присутен и затоа е неопходно за овие инвестиции да се склучи долгорочен договор во кој јасно ќе се предвиди улогата на арбитрацијата. Секако, во таквиот договор нужно е да се предвидат одредбите за ризикот и за промената на околностите“, вели Пенсол.

Кога имате промена во околностите, образложува адвокатот, постои задолжителен период на преговори со договорните страни. Овие договори се од доверлива природа. Некогаш договорните страни не ги почитуваат овие начела и обврски. Имало случаи,  вели адвокатот, кога едната страна ги користи пред судот материјалите од арбитрацијата од другата страна.

„Од тие причини треба во договорите експлицитно да се одреди улогата на арбитрацијата. Тоа е во интерес на самите страни и од таа појдовна точка всушност и се реализира договорот. Довербата е од суштинско значење, секако“, истакнува адвокатот Пенсол.

Реномираниот француски адвокат посочува дека како присутен ризик се даночните и царинските ризици. Воедно, вели адвокатот, може да се јави и ризикот по животната средина, особено во дејностите на компаниите што функционираат во екстрактивните индустрии.

„За овие ризици мора да се разговара отворено со властите, и се препорачува, доколку е возможно, да се договори и посебен режим кој ќе се вклучи во договорот и со кој ќе се обезбеди, кога е потребно, да бидат усогласени локалните формалности, како на пример одобрување од парламентот. Инвестициските договори можат да обезбедат дополнителен слој на заштита, но не би можел целосно да им верувам на долг рок бидејќи нивната прифатливост не е тоа што беше“, истакнува адвокатот Филип Пенсол.

Пенсол работел како адвокат во повеќе од 200 меѓународни арбитражи, со посебен фокус на арбитражните процеси меѓу инвеститори и држави и на деловните спорови во енергетиката, во нафтената и гасната индустрија, во градежништвото и во одбранбената индустрија. Добитник е на голем број награди и признанија од реномирани меѓународни здруженија и институции, меѓу кои и наградата за најдобар адвокат за арбитражи во Франција за 2014 година, како и наградата за адвокат на годината за решавање на спорови во енергетскиот сектор во Франција во 2015 година.

Познатиот француски адвокат и едно од водечките имиња на меѓународната арбитража беше предавач на овогодишната Конференција „Управување со правни ризици: правни трендови“, во организација на Академик.

„Ова е фантастична Конференција, која е многу добро организирана, со многу луѓе кои доаѓаат од различни области и верувам дека придонесува за продлабочувањето на знаењето на тие луѓе со повеќекратно значење и на многу теми и мислам дека за нив ќе биде од голема корист. Ова е и за мене прва конференција од ваков вид и мислам дека е многу интересна и корисна“, истакна Филип Пенсол за Конференцијата посветена на правните ризици.

M.В