/ Прочитано:

903

Првото ЕУ обвинителство започнува со работа

По години преговори меѓу земјите и институциите на Европската Унија, од денеска за првпат станува оперативно првото Обвинителство на ниво на ЕУ, со задача да истражува и да гони криминал поврзан со злоупотреба на буџетот и фондовите на Унијата, јави дописничката на МИА од Брисел.

Главна обвинителка е романката Лаура Ковеси, која изутринава од Луксембург, каде што е седиштето на Обвинителството, вети дека оваа институција ќе работи за заштитата на основните принципи на ЕУ, како и буџетот на ЕУ.

„Имаме суштинска улога да одиграме за довербата на граѓаните на ЕУ да биде посилна од кога било“, изјави Ковеси.

Само неколку земји на ЕУ не учествуваат во новото заедничко Обвинителство: Шведска, Данска, Ирска, Полска, Унгарија, иако Шведска најави желба да се приклучи од идната година.

На Обвинителството ќе му помагаат и другите релевантни тела, како Европол и ОЛАФ во гонењето на буџетски криминал во земјите членки. Граѓаните и ентитетите отсега ќе можат да се обратат на едно место во случај на сомнеж за злоупотреба на европските пари, со што треба да се поедностават процедурите.

Еврокомесарката за транспарентност, Вера Јурова, изјави дека ова е историски ден за Европската Унија и потсети дека во 2019 година само илјада случаи на злоупотреба на ЕУ пари се пријавени, во износ од околу 460 милиони евра.

„Со новите алатки за економско заздравување на ЕУ по ковид, влогот е поголем од кога било, рече Јурова, и додаде дека ниту едно евро не смее да биде изгубено.

Од своја страна, Дидие Рејндерс, еврокомесар за правда, додаде дека ова е ново поглавје во борбата против прекуграничниот криминал во ЕУ.

„Првото супранационално Обвинителство стартува со работа за да ги заштити парите на даночните обврзници на ЕУ, надлежно за да истражува и да гони криминал, како перење пари, корупција и прекугранични даночни измами“, рече Рејндерс.

Советот на ЕУ усвои регулатива за формирање на Европско јавно обвинителство

Европската комисија со европски обвинител ќе ги гони даночните затајувачи