/ Прочитано:

862

Пуштена снимка на која Младиќ наредува гранатирање врз Сараево

Понеделник, 27 август 2012 – Во продолжение на судскиот процес против поранешниот командант на босанските Срби, Ратко Младиќ, во хашката судница била презентирана аудио снимка на која се слуша како Младиќ дава наредби за напад врз Сараево. На снимката, Младиќ точно ги прецизира метите врз кои треба да се отвори оган. Одбраната тврди дека снимката е монтирана.

Во Хаг е пуштена аудио снимка од мај 1992 година на која се слуша како Младиќ дава команди врз кои делови на Сараево треба да се отвори оган, но одбраната на генералот тврди дека аудио снимката е монтирана.

Заштитниот сведок на обвинителството, РМ-115 објавил снимка на која што генералот му дава команди на командантот Мирко Вукашиновиќ  да се пука во сараевската населба Пофалиќи бидејќи таму не живееле многу Срби, по некои улици во центарот на Сараево и да се отвори оган врз претседателството на Босна и Херцеговина.

На аудио снимката Младиќ вели дека целта на нападот е да им се разбистрат умовите на граѓаните на Сараево и тие да не можат да спијат. Заштитениот сведок во тоа време работел во сараевската болница, на 28 мај 1992 година слушнал на радио дека Младиќ наредил напад врз градот, посочувајќи дека истата вечер била нападната и болницата, а сведокот бил ранет.

По нападот, сведокот бил во кома, се лечел 6 месеци. Тој го препознал гласот на Младиќ бидејќи во тоа време и малите деца можеле да го препознаат.

Адвокатот на Младиќ, Миодраг Стојановиќ во текот на вкрстеното испрашување тврдел дека снимката е монтирана. Стојановиќ како аргумент за своите тврдења го цитирал Младиќ кој велел дека во неговата војска има луѓе кои вешто го имитирале неговиот глас.

На почетокот на вкрстеното испрашување адвокатите на Младиќ изразиле големо жалење за ранувањето на заштитениот сведок во мај 1992 година. Според нив во тоа време војската на Босна и Херцеговина била распоредена околу болницата и тие први отвориле оган врз војската на Република Српска.

Сведокот на ова одговорил дека не  е запознаен кој прв почнал да пука бидејќи за време на нападот тој се криел во подрумот на болницата.