/ Прочитано:

1.667

Работилница посветена на Целите за одржлив развој на ОН: Македонија ќе се фокусира на намалување на сиромаштијата

На денешната работилница „Македонија посветена на Целите за одржлив развој на ОН“ се дебатираше за плановите што во наредните 15 години Македонија ќе треба да ги реализира со цел да ја намали сиромаштијата и да обезбеди попристоен живот за сите граѓани. Ова беа клучните предизвици на кои се фокусираа учесниците на работилницата со цел усогласување на Целите за одржлив развој на Обединетите нации со македонските национални стратегии.

скопје

„Никој не смее да биде запоставен“ е мотото на документот на Обединетите нации Цели за одржлив развој во кој се содржани вкупно 17 цели кои предвидуваат конкретни мерки за борба против сиромаштијата, нееднаквоста и климатските промени на светско ниво. Документот е усвоен на јубилејното, 70-то Генерално собрание на ОН од страна на сите земји членки на светската организација, меѓу кои и Македонија.

На денешната работилница „Македонија посветена на Целите за одржлив развој на ОН“ се дебатираше за плановите што во наредните 15 години Македонија ќе треба да ги реализира со цел да ја намали сиромаштијата и да обезбеди попристоен живот за сите граѓани. Ова беа клучните предизвици на кои се фокусираа учесниците на работилницата со цел усогласување на Целите за одржлив развој на Обединетите нации со македонските национални стратегии.

По усогласување на Целите за одржлив развој се очекува подобрување во сите сфери од општественото живеење, беше нагласено на денешната работилница, и се очекуваат видливи придобивки за животниот стандард на граѓаните во Македонија, подобрување на образовниот и здравствениот систем, на патната и комуналната инфраструктура, добро владеење на правото, зајакнување на институциите и заштита на природните ресурси.

„За да се реализираат целите за одржлив развој што беа усвоени од сите земји членки на Обединетите нации, потребни се големи финансиски вложувања бидејќи станува збор за исклучително комплексен процес. Преку имплементацијата на стратешките документи, се стремиме кон воспоставување на општество засновано на знаења и политики кои истовремено ќе овозможат економски раст и развој, успешно приспособување на стопанството кон климатските промени, зголемување на вработеноста, задржување на макроекономската стабилност, рационално искористување на ресурсите и заштита на животната средина со единствена цел – подобрување на животниот стандард и обезбедување просперитетна иднина за сите граѓани“, изјави вицепремиерот Владимир Пешевски.

Според Луиза Винтон, координаторот на Обединетите нации во Македонија, националните стратегии на земјава досега се добро усогласени со Целите за одржлив развој.

„Македонија нема да почне од почеток, тоа е добро, но сепак некои стратегии сè уште не се спроведени. Постојат сериозни предизвици за усогласување и можности за сериозен напредок. Крајните придобивки од усогласувањето на Целите ќе бидат подигнување на животниот стандард и побрз економски развој“, нагласи Винтон на денешната работилница.

Целите за одржлив развој се практично  т.н. Агенда 2030 која, како што се обврзаа земјите членки на ОН, треба да се спроведе до 2030 година. Во неа, освен 17-те цели за одржлив развој, содржани се уште 169 други, како и 230 индикатори.

Македонија и Обединетите нации  дополнително ја потпишаа и новата стратегија „Партнерство за одржлив развој 2016–2020“, што е уште еден чекор напред кон усогласување на Целите.

А. Б.