/ Прочитано:

1.926

Работилница во Министерството за правда за институционалната рамка на Судот на правдата на ЕУ

Денеска во Министерството за правда се одржа првата од двете предвидени работилници на тема: „Структурна и институционална рамка на Судот на правдата на ЕУ и општ преглед на правото на ЕУ“ и „Пребарување, анализа и примена на правото на ЕУ и судската практика на Судот на правдата на ЕУ“ .

На денешната работилница на која присуствуваа судии и јавни обвинители од сите апелациски подрачја, како и адвокати, се говореше за структурна и институционална рамка на Судот на правдата на ЕУ, правото на ЕУ и анализата и примената на правото на ЕУ и судската практика на Судот на правдата на ЕУ.

Предавачи на работилниците се: Анита Зикмане, Латвија – раководител на одделението за судска практика и пребарување на Врховниот суд и Солвита Харбацевича, Латвија – раководител на секретаријатот на Советот за правосудство.

Судот на правдата го толкува правото на ЕУ за да се обезбеди иста примена во сите земји на ЕУ. Судот на правдата на Европската Унија е надлежен да следи дали законите на ЕУ еднакво се толкуваат и се применуваат во секоја од земјите членки.

Исто така, Судот решава правни спорови помеѓу владите на ЕУ и институциите на ЕУ. Поединци, компании или организации може, исто така, да имаат свои предмети пред Судот доколку чувствуваат дека нивните права биле повредени од некоја од институциите на ЕУ.

Судот на правдата во Луксембург, исто така, утврдува дали земјите членки ги исполнуваат своите обврски, кои произлегуваат од правото на ЕУ. Постапките за прекршување на законите на ЕУ се втори по ред најчести постапки во работата на Судот.

Работилниците на тема „Структурна и институционална рамка на Судот на правдата на ЕУ и општ преглед на правото на ЕУ“ и „Пребарување, анализа и примена на правото на ЕУ и судската практика на Судот на правдата на ЕУ“ се во организација на Академијата за судии и јавни обвинители „Павел Шатев“, во соработка со Министерството за правда во рамките на твининг- проектот на Латвија.