/ Прочитано:

756

Работилница за процена на родовата сензитивност на Собранието

Комисијата за еднакви можности на жените и мажите на Собранието, во соработка со Мисијата на ОБСЕ, спроведе еднодневна работилница и ја оцени родовата сензитивност на Собранието. Работилницата е во рамките на проектот на Отсекот за демократско управување при Мисијата на ОБСЕ во Скопје, чија цел е да се поттикнат демократските процеси и да се зајакнат клучните институции, каква што е и Собранието.

Работилницата имаше цел да ја разгледа структурата на Собранието, неговите политики и практики, како и да процени во која мера се води сметка за родовата еднаквост во секојдневното работење на законодавниот дом. Околу 30 мажи и жени, пратеници и пратенички на Собранието, вработени во собраниската служба, претставници на Парламентарниот институт и претставници на Канцеларијата на Националниот демократски институт во Северна Македонија зедоа активно учество на настанот.

Амбасадорот Клеменс Која, шеф на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, во својот поздравен говор истакна дека Собранието е клучна институција на демократијата во сите земји членки на ОБСЕ.

Собранието, додаде Која, е центар на демократското живеење и неговата политичка и морална должност е да иницира и да води политички процеси и да носи политики за јакнење на родовата еднаквост во сите негови сфери на работа.

Работилницата им даде можност на учесниците да ја применат методологијата за процена на родовата сензитивност на Европскиот институт за родова еднаквост. Родовата сензитивност во јавната сфера, вработувањето на кадар и управувањето со човечки ресурси, како и процесите на носење закони и вршење надзор беа дел од областите за кои се вршеше процена преку поставување на конкретни прашања и употреба на индикатори.

На Комисијата за еднакви можности на жените и мажите беше заклучено дека Собранието прави крупни чекори во насока на охрабрување на жените и воспоставување на ефикасни родово-институционални механизми и јавни политики во земјата.

М.В