/ Прочитано:

2.693

Работна средба за реформи на јавната администрација

Министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски денеска оствари работна средба со претставници на граѓанските организации, експерти, претставници од меѓународната заедница и претставници од здруженија и асоцијации на медиуми. На средбата, на која присуствуваше и генералниот секретар на Владата, Драги Рашковски, се разговараше за демократските реформи на јавната администрација.

На денешната средба беше нагласено дека ваквите средби ќе се одржуваат во континуитет, а нивната цел е да се дискутира за процесот на реформи на јавната администрација и да се добиваат совети и насоки од граѓанските асоцијации. Исто така, беше подвлечено на настанот, за реформите во јавната администрација е пожелно да се формира и консултативен совет за неопходните реформи, за да се создаде стручна и ефикасна јавна администрација.

„Владата на секој можен начин сака да го чуе мислењето  на граѓаните и експертите и нема да носи брзи закони, освен во исклучителни ситуации. Цел ни е да направиме функционална анализа на јавната администрација со помош на невладините организации, за да направиме прераспределба на сите вработени кои немаат соодветен ангажман“, истакна на денешната средба министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски, кој посочи и дека јавната администрација во Македонија е силно политизирана.

„Реформите траат од 1999 година и не резултираа со ефикасност. Бесконечна дебата не е решение. Мора да се дефинира краен рок и да се усвои стратегија за реформа на јавната администрација која ќе овозможи влез на стручен кадар во администрацијата“, рече Манчевски и додаде дека во последниве 10 години  има необјективно вработување во јавната администрација поради што има превработеност, па сепак недостасува стручен кадар. Таков е случајот во повеќе министерства и како пример го истакна Министерството за информатичко општество и администрација, каде, како што кажа, проектите ги водат ИТ-кадри од АЕК.

Манчевски на денешната средба најави дека ќе се укинува моделот на оценување и казнување на јавната администрација, како и приложувањето на потврдите за познавање на англиски јазик и полагањето психолошки тестови за вработување во администрацијата. Наскоро, истакна Манчевски, ќе има ревидирање на регистарот на вработени во јавната администрација.

На денешната средба говореше и генералниот секретар на Владата, Драги Рашковски, кој истакна дека во институциите се неопходни координација и трансформација бидејќи некаде има превработеност, а некаде недоволна вработеност. Во таа насока, рече Рашковски, потребно е преземање вработени од една институција во друга. Превработеноста во јавната администрација, нагласи генералниот секретар на Владата, треба да нè плаши, но ако се стават во функција сите вработени, може да бидат корисни за целото општество, потенцира Рашковски.

„Има и вработени со несоодветно образование на кои нема каде да им се најде работен ангажман соодветен на нивното образование. Во администрацијата во Владата најголем проблем досега било што недостасувал личен контакт со луѓето кои се на одговорна функција, а особено бил тежок пристапот до генералниот секретар. За да се контактира со генералниот секретар, најмалку било потребно да има тројца посредници од одговорните лица. Во иднина, Генералниот секретаријат ќе биде отворен за комуникација со сите вработени, а очекувам да се зголеми и контактот со граѓаните“, рече Рашковски и додаде дека во моментов дневно се примаат по најмалку тројца граѓани.

М.В