/ Прочитано:

1.882

Работната група во МОН го подготвува новиот Закон за високото образование

Денеска работната група за утврдување на потребата за измени на Законот за високото образование, составена од министерката за образование и наука, проф. д-р Рената Дескоска, претставници од државните и приватните универзитети, синдикатите од областа на образованието и претставници од Професорскиот и Студентскиот пленум, ја одржа втората работна средба во просториите на Министерството за образование и наука.

На денешната средба на работната група, велат од Министерството за образование и наука, присуствуваше и странскиот експерт за високото образование, Џамил Салми, кој ќе учествува во процесот на подготовка на новиот Закон за високото образование.

„Целта на работната група е преку квалитетна дебата да изготви нов Закон за високото образование којшто ќе ги опфати сите аспекти од статусот и организацијата на универзитетот, надлежностите на Сенатот, начинот на управување на факултетите, статусот на наставниците, начинот на кој студентите ќе се организираат во рамки на универзитетот и процесот на нострификација на дипломите“, велат од Министерството за образование и наука.

Минатиот месец Министерството за образование и наука информираше дека започнува постапка за носење нов закон за високото образование, за што беше и формирана работната група.

Во таа насока, по одржувањето на првиот состанок на работната група, министерката за образование и наука, Рената Дескоска-Треневска, изјави дека нема да се брза со носење на законот, туку предност ќе се даде на квалитетна дебата со која ќе се дојде до најсоодветните решенија. Министерката изрази надеж дека новиот закон ќе се донесе до крајот на годинава.

М.В