/ Прочитано:

3.865

Работничките права се човекови права

Денеска на глобално ниво се одбележува Меѓународниот ден на трудот во чест на борбата на работниците за унапредување на нивните права.

Денот на трудот се празнува и како знак на почит кон жртвите од штрајкот што се одржал од 1 до 4 мај 1886 во Чикаго кога демонстрантите барале унапредување на нивните права. Денес Меѓународниот ден на трудот е државен празник во повеќе земји во светот.

Во Македонија, истакнуваат од Повелбата за солидарност, работничките права постојано се нарушуваат и загрозуваат. Нема демократија, нагласуваат од Повелбата за солидарност, без социјална правда и економска рамноправност.

„Работничките права се подлога на сите други граѓански права, бидејќи 99% од луѓето ја обезбедуваат својата елементарна егзистенција преку својот труд. Работниците мора да се борат за единство подобар стандард и поголеми права“ велат од Повелбата за солидарност.

Од Сојузот на синдикати на Македонија истакнуваат дека оваа година ќе бараат спроведување на Протоколот за социјален напредок кој се фокусира на натамошен развој на социјалниот дијалог, спроведување на колективното преговарање на сите нивоа, подигнување на животниот стандард, квалитетот на живот, зголемување на платите, спроведување „еднаква плата за еднаква работа“, ратификација и имплементација на меѓународните стандарди на трудот, владеење на правото и унапредување на работничкото законодавство, елиминирање на секаков вид на родова, полова, старосна и секаков друг вид на дискриминација.

Народниот правобранител вели дека заштита на правата при спроведувањето на постапките за вработување и распоредување, исплата на плата и надоместоци од плата, заштита на правата поради изречен престанок на работниот однос, и заштита на правата во постапки по жалби/приговори во врска со работен однос беа најчестите основи по кои граѓаните поднесуваат претставки и бараат интервенција од Народниот правобранител.

Исто така, предметното постапување во 2016 година во областа на заштитата од дискриминација, за разлика од претходните две години бележи пораст за околу 20%, при што најбројни се претставките кои се однесуваат на дискриминација во работниот однос.

„Вознемирувањето на работното место или мобингот од страна на раководните структури во работниот процес е се позастапено, а раководните лица не ги препознаваат облиците и формите на оваа појава, како и инструментите и механизмите за заштита“, констатира Народниот правобранител, кој во својот годишен извештај нотира дека и потребни се законски измени на нормативата со која се регулираат работните односи.

Во интервју за Академик, професорот Димитар Апасиев, истакна дека во Македонија како да се  заборава дека работничките права се исто така човекови права, и тоа од т.н. трета генерација на социјално-економски права на човекот и граѓанинот.  Во таа насока, вели Апасиев,  нема балансиран третман на работникот наспрема работодавецот.

„Напротив,  евидентна е „навивачката улога“ на државата кон страната на капиталистите т.е. газдите и работодавачите. Ова јасно се покажува речиси со секоја измена на Законот за работните односи, како lex generalis за сферата на трудовото право. Ние во Македонија веќе имаме и документирани случаи  за тоа како дејствува спрегата на крупниот капитал и партиската гласачка машинерија – кога, преку извесни лоби групи, менаџерите на одредени големи компании и корпорации успеваат да го подмитат безмалку целото македонско Собрание! Ова е факт од кој, во нормално општество, се крева косата на главата“, истакна Апасиев, додавајќи дека во Македонија најгорлив проблем се т.н. „жолтите синдикати“.

„Најгорлив проблем се „жолтите синдикати“. Со своите неспособни раководства, алчните и експлоататорски настороените стопански комори, корумпираните трудови инспектори и неправичните и лесно поткупливи судии. Сите овие ја прават позицијата на македонскиот работник неиздржлива! “, нагласи д-р Димитар Апасиев.

За активистот за социјална правда, Дејан Лутовски, социјалната држава во Македонија е флоскула. Социјална држава, вели Лутовски,  по дефиниција е онаа држава каде што најмалку луѓе земаат социјална помош. Каде што има доволна клима и атмосфера да живеат од својот труд. Тоа, за жал, во Македонија не е така.

„Почитувањето на работничките права е императив за правдата и дека секое отстапување од социјалната и работничка праведност кај луѓето и кај работниците инстинктивно создава револт кој најдобро може да се изрази преку борба за права и протести. Борбата за работничките права е секој ден“, вели Лутовски.

М.В