/ Прочитано:

1.323

Работниот комитет за евроинтеграции ќе го следи планот за прописите кои се однесуваат на европската интеграција

Денеска се одржа работна средба на Работниот комитет за евроинтеграции посветена на Планот „3-6-9“. Во врска со Работниот комитет, вицепремиерот задолжен за евроинтеграции, Бујар Османи, вели дека комитетот ќе се состанува најмалку еднаш на два месеца, а по потреба и почесто,. Во таа насока, Османи најавува реактивирање на поткомитетот на Работниот комитет за евроинтеграции, кој ќе ја следи легислативната агенда на Владата за сите акти кои се поврзани со процесот на европската интеграција, како и сите работни групи кои ги покриваат 33-те поглавја на европското право.

На денешната работна средба, во однос на прашањето за реализација на Планот „3-6-9“, Османи истакна дека од вкупно предвидените 73 мерки во делот 3 од Планот „3-6-9“, досега се реализирани 34 мерки што претставува реализација од речиси половина од мерките, 30 се во тек, но се во рамки на роковите, а за неколку веќе е констатирано дека доцнат.

„Тоа и не е така лошо ако се има предвид дека се наоѓаме на половина од предвиденото време, но исто така ова треба да претставува и предупредување за поголем фокус како на Владата, така и на администрацијата и другите институции кон имплементација на мерките од Планот ‘3-6-9’. Мерките од областа на Собранието веќе имаат стопроцентна реализација и тоа е за поздравување. Но, во некои сектори, имплементирани се помалку од една третина од мерките, како што е во областа на судските реформи, миграциите, мерките врзани за борба против организираниот криминал, делот на изборите итн.“, рече Османи.

„Како Влада веќе демонстриравме политичка волја, а со фокус на членовите на Работниот комитет за евроинтеграции, како и со работата на целата администрација, голем број од мерките од Планот ‘3-6-9’ веќе се имплементирани. Но, тоа очигледно не е доволно. Сепак, во некои ресори се констатирани  доцнења, а некаде сè уште не се добиени прецизни информации за статусот на реализација.   Како Влада имаме реализирано над десетина мерки, како што е одлуката за стопирање на владините реклами во медиумите, одлуката за формирање на Совет за спроведување на реформи во правосудството, меѓутоа, доцнат мерките за спречување и користење на државни ресурси за време на изборниот период, нешто што според планот требаше да биде реализирано во јули, а секако изборите се ближат“, истакна Османи.

Досега, додаде Османи, како Влада требаше да  усвоиме и изјава за силна политичка волја за примена на етичкиот кодекс за медиумско известување, како и декларација против заплашување на администрацијата и охрабрување да се пријават такви случаи. Османи најави дека на следната седница на Владата генералниот секретар ќе ги стави на дневен ред овие прашања.

Вицепремиерот за евроинтеграции на денешната средба истакна и дека Министерството за внатрешни работи ги има реализирано повеќето од мерките предвидени во нивниот ресор, а една од нив е формирање на преговарачкиот тим за статусниот договор за ФРОНТЕКС, меѓутоа, како што рече, сè уште ја нема започнато подготовката на новиот предлог-закон за заштита на сведоци каде што сè уште ги договараат ингеренцијата и поделбата на обврските со Министерството за правда.

„Доцнења има кај институциите што се надвор од ингеренциите на Владата, како што е Собранието, каде што сè уште немаме инклузивна дискусија за избор на модел за реформа на системот за следење на комуникациите, а Собранието, на пример, доцни и во изборот на член на Уставниот суд на кого му престанува мандатот“, истакна Османи, кој додаде и дека Владата донела одлука за трајно решение за сместување на Државната изборна комисија, со што и таа мерка е решена, но ДИК сè уште нема донесено одлука или правилник со кој нивните седници би биле отворени за јавноста.

„Овие доцнења јас редовно ги презентирам до Владата и таа е постојано информирана за статусот на реализација на мерките од Планот ‘3-6-9’, но фокусот на имплементација на овие мерки зависи од посветеноста на администрацијата, нешто што ќе биде главна тема на денешниот состанок на Работниот комитет за европски интеграции. Имплементацијата на мерките од Планот ‘3-6-9’ не претставува само наша преземена обврска пред нашите европски пријатели. Адресирањето на овие реформи значи и подобрување на функционалноста на државата како основен предуслов за имплементирање на европските вредности“, рече Османи.

За Законот за употребата  на јазиците, Османи рече дека е ставен на дневен ред некаде на 13 септември. Очекуваме, нагласи тој, законот бргу да се усвои бидејќи законот е со европско знаменце.

„Тука процедурите се дефинирани. Очекуваме и повикуваме сите политички партии да гласаат позитивно за овој закон бидејќи сметам дека така на најдобар начин ќе направиме големо унапредување во делот на Рамковниот договор, кој е одобрен и потпишан од сите политички партии, меѓутоа и ќе покажеме волја за соживот и прифаќање на различностите“, додаде вицепремиерот Бујар Османи.

М.В