/ Прочитано:

1.330

Работници во ноќна смена се изборија за правото за организиран превоз

Работници во ноќна смена се изборија за правото за организиран превоз, велат од Хелсиншкиот комитет за човекови права. Според Законот за работните односи (член 128), доколку нема јавен превоз, работодавачот не смее да го распореди на ноќна работа работникот на кој нема да му обезбеди услови за превоз до и од работа.

„Повеќе од една година работниците во ЈЗУ Психијатриска болница – Демир Хисар кои работат ноќно време немаа како да пристигнат на своето работно место бидејќи нема јавен превоз во тој период од денот. Иако во неколку наврати се обратиле до нивниот работодавач за да им обезбеди превоз, барањето останало неисполнето, па работниците се обратиле до Државниот инспекторат за труд.

По извршениот инспекциски надзор во февруари годинава, ДИТ ја утврдил оваа состојба и донел решение за отстранување на недостатоците. Со оглед на тоа што работодавачот не постапил по решението, групата работници достави претставка и до Хелсиншкиот комитет, по што од ДИТ беше побарано спроведување на вонредна инспекција. На надзорот спроведен во јули, Инспекторатот утврдил дека превозот сè уште не е организиран, за што на работодавачот и на одговорното лице им понудил предлог за порамнување со издавање на прекршочни платни налози. Конечно, кон крајот на јули 2019 година, ДИТ добил известување дека е организиран превозот за работниците од ноќна смена во установата.

Хелсиншкиот комитет го повторува апелот до сите работници редовно да пријавуваат неправилности и прекршувања на нивните права. Тоа е прв и клучен чекор кон понатамошно постапување на државните институции и граѓанските организации, како и кон промена на состојбите со работничките права во земјава“, истакнуваат од Комитетот.

M.В