/ Прочитано:

1.582

РАИЧЕВИЌ: Барањето за забрана за работни активности за осомничените во „Еразмус“ е од интерес за студентите

Академската учебна година започнува на 15 септември и Економскиот факултет може да се соочи со недостиг од кадар во пресрет на почетокот на предавањата, но обвинителката Раичевиќ вели дека и Обвинителството има интерес на постапување, а тоа се интересите на кривичната постапка.

Јавен обвинител Лидија Раичевиќ

Лидија Раичевиќ, обвинителката која го води предметот „Еразмус“, денеска го појасни предлогот за забрана за вршење на работни активности за осомничените од Економскиот факултет во Скопје, кој вчера беше доставен до Кривичниот суд во Скопје од страна на Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција.

Раичевиќ вели дека, иако предистражната постапка е завршена, ваквите мерки се побарани затоа што Законот за кривична постапка дозволува индивидуален пристап при оцена на јавниот обвинител за тоа дали треба да биде предложена некоја мерка.

Предлогот на Обвинителството се однесуваше на забрана за преземање на определени работни активности кои се поврзани со кривичното дело, со времетраење до правосилно окончување на кривичната постапка поради тоа што обвинетите продолжиле да ги извршуваат своите работни активности во рамките на Економскиот факултет и понатаму биле во секојдневен контакт со студенти, а со тоа и со оштетените и со жртвите во кривичната постапка што е во тек.

Академската учебна година започнува на 15 септември и Економскиот факултет може да се соочи со недостиг од кадар во пресрет на почетокот на предавањата, но обвинителката Раичевиќ вели дека и Обвинителството има интерес на постапување, а тоа се интересите на кривичната постапка.

„Јас, како јавен обвинител, се соочувам со интересот за кривичноправна заштита на граѓаните, особено на студентите, во врска со секој за кого постои сомнение дека сторил кривично дело. Дали процесот на Универзитетот ќе се организира по стандарди кои нема да го попречат нормалното функционирање, е предизвик за УКИМ“, рече Раичевиќ.

Судија на претходната постапка одлучува по предлогот на Обвинителството и решението треба да биде познато во текот на денешниот ден, велат од Кривичниот суд.

Истражната постапка започна во јуни кога беа осомничени шестемина професори, меѓу кои и поранешниот декан на Економскиот факултет Бобек Шуклев, еден асистент од Факултетот и сопственикот на бифето. Тогаш Судот на петмина осомничени им определи мерки за претпазливост – обврска повремено да се јавуваат на определено службено лице и кај надлежен државен орган и им беа одземени патните исправи за преминување на државната граница.​ Денеска од Обвинителството не сакаа да наведат за кои лица се побарани новите мерки.

Според информации од Обвинителството, групата од осум лица дејствувала организирано и била следена со посебни истражни мерки во текот на 2015 и 2016 година. Коруптивните дела за кои постоело сомневање дека се одвиваат на Економскиот факултет се сложени, се одвивале тајно поради што Обвинителството спровело посебни истражни мерки, но, како што тогаш потенцираше Лидија Раичевиќ, обвинителката која го води предметот, покрај ПИМ, постојат и голем број други докази.

Кривичната пријава се однесува на повеќе кривични дела: примање поткуп, примање награда за противзаконито влијание и давање поткуп.

М. С.