/ Прочитано:

2.066

Според обвинителството, Бошковски дал амин за убиството и ветил прикривање, адвокатите тврдат дека нема докази

Понеделник, 29 октомври 2012 – Без докази, со незаконско сослушување на заштитен сведок, вака одбраната на Љубе Бошковски, адвокатот Владимир Ракочевиќ гледа на обвинението напишано на 11 страници, според кое Бошковски се товари за тешко кривично дело „помагање“, во овој случај соизвршителство на убиство. Наводните убијци се во бегство, останатите обвинети се поранешни инспектори во Одделот за набљудување и документација при Министерството за внатрешни работи. 

„Кога се подигнува обвинение, особено кога станува збор за вакво тешко кривично дело за кое се оди затвор најмалку 10 години, а може да се заработи казна доживотен затвор, мора да се имаат доказите од кои произлегува основата на обвинението. Од петокот го имам обвинението, два дена го читам, не гледам никакви факти и аргументи. Не произлегуваат ниту факти од сведочењето на заштитениот сведок, ниту пак од исказот на обвинетиот Никола Негриевски за кој што обвинителството тврди дека неговиот исказ го расветлувал случајот“, два дена не можам да најдам кои им се доказите“, вели Ракочевиќ.

Според обвинението, тогашниот министер Бошковски бил во пријателски односи со сега починатиот Орце Коруновски, кој истиот пак имал меѓусебни расправии и тепачки со Марјан Тушевски поради бизнис интереси за плејбој барови и дискотеки во Скопје. Обвинителството го посочува Бошковски дека тој директно му дал одобрување на Коруновски да го лиши од живот Тушевски и му ветил дека ќе го прикрие убиството. Адвокатот Ракочевиќ во ова обвинување гледа нелогичност поради тоа што убиството се случило во Скопје и воопшто не било прикриено. Според одбраната, во истражната постапка не биле изведени никакви докази што ќе упатуваат на пријателството на Бошковски и Коруновски, ниту пак обвинителството има докази дека Коруновски стои зад двократното убиство. Орце Коруновски ја доживеа истата судбина како Тушевски, по една година беше ликвидиран во Бугарија, убијците се уште се на слобода.

Од исказите на обвинетиот Никола Негриевски, тогашен началник на Одделот за набљудување и документирање при МВР и заштитениот сведок дадени во истражна постапка, според Ракочевиќ не произлегуваат никакви факти што говорат за евентуална поврзаност на Бошковски со убиството.

Ракочевиќ: Заштитениот сведок со изменет глас, но без никаква слика

Бранителот на Бошковски вели дека ќе поднесе и барање за изземање на исказот на заштитениот сведок од судската постапка поради тоа што тој според него бил сослушан на незаконски начин. Адвокатот објаснува дека при сослушувањето, на сведокот му бил изменет гласот, но на екранот воопшто не се појавила слика, туку шаховска табла.

„Во законски рамки освен гласот треба да биде изменет и ликот на сведокот, но јасно да се гледа просторијата каде претстојува за неговото сведочење да биде веродостојно. Кога ни го вклучија екранот, јасно го слушав сведокот, но немаше никаква слика, само шаховска табла. За да биде неговото сведочење веродостојно, убаво пишува во законот, мора ликот да му е изменет, но тоа не значи ликот да му го нема“, рече Ракочевиќ.

Обвиненителството гони 15 лица од нив Чубрило Предраг, Илиќ Милан, Ковачевиќ Милорад и Вукичевиќ Вук се во бегство. Според обвинението, овие лица влегле во Република Македонија преку обвинетиот Ивица Ристиќ. Пред убиството, во најмен стан претстојувале месец дена. Потоа, обвинетиот Зоран Трајковски ги прераспоредил останатите обвинети кои се тогашни инспектори во Одделот за набљудување и документирање при МВР. Обвинителството ги гони дека знаеле информации за убиството, но не презеле ништо. Според обвинителството, главна мета бил Марјан Тушевски, а Киро Јанев бил само колатерална штета кој случајно се нашол на местото на убиството.

Неофицијално, со судскиот совет за овој предмет ќе претседава Илија Трпков, младиот судија што работи на кривична материја, а за судија беше избран минатата година. Претходно, Трпков работеше како портпарол на Основен суд Скопје 1. Застапник на обвинението е Лидија Раичевиќ Вучкова. Обвинителката на јавноста и е позната по случајот со убиството на Сандра Китановска, девојката што на брутален начин беше силувана и задавена со сопствените фармерки, во близина на Кванташки пазар. Убиството се случи во 2006 година, обвинителката издејствува доживотен затвор за осудениот убиец Дино Диновски.

За убиството кружеа шпекулации, ни тогаш не се исклучуваше можноста дека Коруновски е вмешан

Двократното убиство се случи на 10 јули 2001 година меѓу зградите на улица „Атинска“ во населбата Тафталиџе. Марјан Тушевски беше познат скопски рекетар со богато полициско и судско досие, а Киро Јанев бил неговиот личен млад возач. Поради профилот на жртвата, разни шпекулации проциркулираа низ Скопје, медиумите особено пишуваа за поврзаноста меѓу покојните со високи политички структури.

Непосредно пред убиството, Марјан Тушевски имал пресметката на паркиралиштето пред хотелот “Панорама” која подоцна завршила во подземните гаражи од Владата. Во оваа тепачка учествувале и обезбедувачите на висок политичар. Еден ден пред да се случи убиството, според тогашните написи во медиумите, Тушевски претепал еден газда на кафуле во ТЦ „Беверли хилс“ во Капиштец, зашто одбил да му „позајми“ 15 илјади марки. Дента, пак, кога Тушевски е ладнокрвно застрелан постоеја гласини дека тој киднапирал роднина на висок државен функционер и неколку часа во затворен багажник го возел низ Скопје, пред да го ослободи. Медиумите за овој случај излегуваа со информации дека државниот функционер е Љубе Бошковски, а Тушевски всушност го киднапирал неговиот шура.

Две години пред убиството, Тушевски пукал во Огнен Коруновски во населбата Аеродром пред кафеаната „Златна виљушка“. Коруновски добил еден куршум во нога, останатите завршиле во неговото возило.

Освен ова, во 2001 година медиумите пишуваа и за евентуалната поврзанот на убиството со одмазда за рекетот што Тушевски и неговите соработници го собирале низ Скопје. Во тоа време, скопски кафеанџии биле принудени насила да му платат рекет од по 10 до 15 илјади марки. Полицијата не ја исклучи можноста, убиството да е нарачано и од белградското подземје.