/ Прочитано:

1.043

Распит на полициските службеници осомничени во предметот „Тортура“

Против сите лица кои се во работен однос во Министерството за внатрешни работи до Основниот суд Скопје 1 Скопје е поднесен предлог за определување на мерка на претпазливост – забрана за преземање на определени работни активности кои се поврзани со кривичното дело.

Основен суд Скопје 1 Скопје

Денеска во Кривичниот суд во Скопје на распит пред судија на претходна постапка треба да бидат сослушани шест лица опфатени во предметот на Специјалното јавно обвинителство „Тортура“. Во предметот за нечовечното постапување при апсењето на лидерот на Обединети за Македонија, Љубе Бошковски, како првоосомничен се јавува поранешниот шеф на УБК, Сашо Мијалков, второосомничен е Ивица Анчевски – Пуки, командант на единицата Алфи и уште петмина полициски службеници. СЈО не побара мерки за првоосомничениот.

Против сите лица кои се во работен однос во Министерството за внатрешни работи до Основниот суд Скопје 1 Скопје е поднесен предлог за определување на мерка на претпазливост – забрана за преземање на определени работни активности кои се поврзани со кривичното дело.

„Ваквата мерка е предвидена со членот 146 став 1 точка 7 од Законот за кривичната постапка и сметаме дека во овој момент е неопходна како реакција на државата за дејствијата за кои постои основано сомнение дека ги извршиле осомничените“, беше наведено од страна на СЈО при презентирањето на случајот.

Имено, од прибраниот доказен материјал произлегло основано сомнение дека на ден 6.6.2011 година, еден ден по завршувањето на парламентарните избори, првоосомничениот, како службено лице – директор на Управата за безбедност и контраразузнавање, поради дискриминација врз основа на поинаква политичка определба, ги навел останатите осомничени -полициските службеници во единицата Алфи, во вршењето на службата при лишување од слобода на осомничено лице – оштетениот Љубе Бошковски, да му предизвикаат душевно страдање, стои во соопштението на СЈО за предметот „Тортура“.

Петтемина полициски службеници, со наредба на командантот на Алфите, според извештајот на СЈО, при апсењето на Бошковски употребиле прекумерна физичка сила, насилно го легнале на земја, удирајќи го и држејќи го за рацете.

Со ваквото постапување, според СЈО, осомничените му нанеле душевно страдање на Бошковски, директно му било понижено човековото достоинство и личноста и го дискриминирале врз политичка основа, што се докажува и од вештачењето за неговата психофизичка состојба во тој момент.