/ Прочитано:

4.553

„Раце што зборуваат“ – веб-речник на македонски знаковен јазик

На веб-страницата znakoven.mk објавен е веб-речник на македонскиот знаковен јазик. „Раце што зборуваат” (“Talking Hands”) е резултат на долгогодишната соработка помеѓу Здружението за глуви и наглуви „Тишина“ Карпош, Скопје, и Меѓународната фондација „Борис Трајковски“, во партнерство со Фондацијата „Сигно“ од Норвешка.

„Потребата од комуникација е од најголема важност за секој човек со цел да може самостојно да се вклопи во општествениот живот на една држава. Глувата популација има многу помалку можности да го оствари правото непречено да биде дел од општеството. Знаковниот јазик е најупотребуваната алатка за комуникација помеѓу глувата популација, но со лицата што слушаат комуникацијата е многу отежната и во многу случаи, невозможна. Овој проект создаден и одобрен од глувата популација во Македонија дава голема можност за квалитетно образование на глувите и наглуви лица, толкувачите на македонски знаковен јазик како и лицата што слушаат, а кои сакаат да го научат знаковниот јазик. Длабоко веруваме дека овој проект ќе овозможи многу поголема социјална инклузија на глувата популација во Македонија и подигање на јавната свест за улогата на оваа ранлива група во општеството во кое живееме. Втората цел на проектот ‘Talking Hands’ е да се овозможат повеќе работни места каде што заедно ќе работат глуви лица и лица што слушаат. ‘Пет на ден” е можност да се вклучат сите оние заинтересирани глуви или лица што слушаат, а сакаат културата на глувата популација да им ја приближиме на граѓаните во Македонија“, се посочува на веб- страницата znakoven.mk.

M.В