/ Прочитано:

1.256

Разбирањето на економијата – клуч за профитабилноста на една адвокатска канцеларија

Поентата во разбирањето на економијата е адвокатите да не ги сфаќаат буквално приходите што ги остваруваат, без да ги пресметуваат докрај сите трошоци што ги имаат во секојдневната работа. Така, адвокатите треба да се водат од неколку принципи во економскиот дел од својата професија, кој треба ефикасно да го разберат: да создадат сопствени вредности на работење, успешно да ги покријат трошоците, да ги предвидат правните ризици, да прават пари.

Адвокат со книги

Една од најголемите грешки при работењето во адвокатурата, и сите придружни елементи што ги носи таа, особено одредувањето на цената на услугите и нивната наплата, е тоа што повеќето адвокати и адвокатски фирми недоволно ја разбираат економијата и нејзините методи, изјавува Фредерик Еспозито, извршен директор на адвокатската канцеларија „Ривкин Радлер”, која има свои канцеларии во Лонг Ајленд, Њујорк и Њу Џерси.

Тој смета дека адвокатските канцеларии многу тешко се фокусираат на одредувањето на плаќањата на нивните услуги. Пред сè, тие треба да ангажираат посебна сметководствена фирма која ќе се грижи за нивните приходи и расходи во случај да не бидат во можност самите да ги вршат економските операции. Ова ангажирање треба да биде во насока на заштеда на време за утврдување на методологијата за пресметување на трошоците на канцеларијата, како и фокусот на работата да се базира на односот и соработката со клиентите.

Исто така, според Еспозито, адвокатите треба да ја разберат едноставната формула на пресметување на приходите и расходите во нивната канцеларија. Таа формула се состои од две компоненти:

– вкупниот надоместок на адвокатот и

– работата и парите наспроти директните трошоци.

Надоместокот за услугата на адвокатот не треба да се сфати само како проста сума пари, туку и како нешто што произлегува како резултат од тој надоместок, како на пр.: придонесите за пензиско и здравствено осигурување, персоналниот данок на доход, придонесот за професионално заболување итн.

Работата и парите наспроти директните трошоци се претставуваат преку профитот и загубата на адвокатската канцеларија врз основа на вкупните работни часови што биле вложени во работата врз одреден предмет и трошоците кои ги имаат за тој предмет. Поради сите тие трошоци, наведува Еспозито, не треба да се сфати буквално дека ако адвокатот добива 10 000 долари од предметот, тие пари ќе му останат како целина, а наспроти тоа трошоците му изнесуваат 15 000 долари.

Поентата во разбирањето на економијата е адвокатите да не ги сфаќаат буквално приходите што ги остваруваат, без да ги пресметуваат докрај сите трошоци што ги имаат во секојдневната работа. Така, адвокатите треба да се водат од неколку принципи во економскиот дел од својата професија, кој треба ефикасно да го разберат:

– да создадат сопствени вредности на работење;

– успешно да ги покријат трошоците;

– да ги предвидат правните ризици и

– да прават пари.

Исто така, голема грешка е тоа што адвокатските фирми многу често настапуваат со емоции кон одредени клиенти и адвокатската професија не ја практикуваат како бизнис. Ова, според адвокатот Еспозито, се однесува на попустите што им ги даваат на клиентите од некакво необјасниво сожалување за немоќта на клиентот да плати за услугата, што на долг рок, доколку често се практикува, доведува до загуба на профитот и до намалување на приходите на канцеларијата.