/ Прочитано:

1.443

Различни ставови на „Хендикеп плус“ и МТСП за Законот за социјална заштита

Здружението „Хендикеп плус“ на прес-конференција од пред Министерството за труд и социјална политика порача дека лицата со попреченост ќе протестираат ако треба секој ден со колички, доколку не се земат предвид нивните барања, пред сè, подигање на висината на помошта која се издвојува од буџетот.

„Има пари за сите, само за лицата со хендикеп нема. Со 7.000 денари месечно, колку што предвидел предлагачот на законот, не може ниту половина од месечните трошоци да се покријат. Од друга страна, има спорен член во Предлог-законот за социјална заштита, кој вели дека лице кое користи надоместок за попреченост истовремено не може да користи надоместок за помош и нега од друго лице. Сметаме дека овој закон е дискриминаторски, иако Македонија е потписничка на Конвенцијата на ОН за еднаков пристап на овие лица, бидејќи не прави ништо за подобрување на условите за живот“, изјави Бранкица Димитровска од Здружението „Хендикеп плус“.

„Во законот се предвидува инклузија, но при тоа нема конкретни мерки со кои ќе спроведе таа и според нас овој закон ни малку нема да ја подобри нашата ситуација. За каква инклузија зборуваме кога нема пристапност до институциите, односно инфраструктурата не е прилагодена, па инвалидизираните лица за да стигнат од една до друга релација мора да одат со такси и со придружник. Не се ослободени од партиципација за здравствени услуги, не се ослободени од ДДВ, не се ослободени од ниту една комунална давачка. Затоа бараме и апелираме да се слушне нашиот глас и да порачаме дека хендикепот не е треба да се гледа кај поединецот, туку во општеството“, истакна Димитровска, додавајќи дека власта нема слух за овие лица и дека инклузијата што ја предлага министерката Царовска е само на хартија.

Во врска со ставот на „Хендикеп плус“, денеска од МТСП излегоа со демнат, во кој се вели дека  со социјалната реформа не се кратат правата на лицата со попреченост, туку се унапредуваат.

„Со социјалната реформа се воведуваат две целосно нови услуги за лицата со попреченост – лична асистенција и услугата домашна нега. Правото за попреченост се проширува и за лицата со интелектуална попреченост, додека додатокот за надоместок за плата за скратено работно време за родител кој чува дете со попреченост се зголемува до 50% од просечна нето-плата.

Како поддршка на биолошките семејства кои имаат деца со попреченост,  се зголемува износот на утврдената висина на правото на посебен додаток за 15%. Воедно, се воведува и таканаречениот траен надоместок за родител кој се грижел за детето со попреченост до неговата 26-годишна возраст без да го смести во институција, кој е невработен и не користи право на пензија, по наполнување на 62 години за жена, односно 64 години за маж. Исто така, се развива и услугата за одмена на семејна грижа, која ќе обезбедува краткотрајно згрижување на зависни членови од семејството заради одмор, лични и професионални потреби на членови на семејството кои се грижат за нив, што е исто така дел од новиот Закон за социјална заштита.

Владата на Република Северна Македонија изминатата година ја усвои Националната стратегија за деинституционализација 2018 – 2027 „Тимјаник“, која предвидува 66 милиони евра за 10-годишна реформа на системот за социјална заштита. Веќе се направени првите чекори за воспоставување индивидуализирани социјални услуги во заедницата – за првпат во земјата се воведе услугата персонална асистенција, финансирана од Буџетот на МТСП.  По завршувањето на подготовките, вклучувајќи обука на идните персонални асистенти, вкупно 69 лица во 7 општини добија можност да ја користат услугата лична асистенција. За  оваа година се предвидува 200 лица со попреченост од целата земја да ја користат оваа услуга, вклучувајќи ги лицата со интелектуална попреченост. Ова е доказ дека оваа влада во целост ги има предвид одредбите на Конвенцијата за правата на лицата со попреченост, особено нејзините одредби за независен живот и независно одлучување, кои се основата на развојот на сите нови индивидуални услуги коишто во минатото не постоеле“, стои во соопштението на МТСП.

Јавна расправа за Предлог-законот за социјалната заштита

МТСП: Со новиот Закон за социјална заштита се овозможува поквалитетен живот за лицата со попреченост

Дали социјалната пензија ќе ја намали сиромаштијата на старите лица

Кои лица ќе може да го остварат правото на социјална пензија според новиот Предлог-закон

Граѓанските организации бараат во Собранието итно да се стават на дневен ред законите  за социјална заштита и за заштита на децата

Објавен текстот на Предлог-законот што предвидува социјална пензија на стари лица

Јавна консултација за Предлог-законот за социјална заштита

Извештај за предлог-реформата на системот на социјална и детска заштита

Ќе се менуваат законите за пензиското осигурување и за придонесите од задолжително социјално осигурување

Во подготовка Закон за социјална сигурност за старите лица: Посебно парично давање за старите лица кои не оствариле пензија

Во подготовка Закон за социјалната заштита, чија цел е подобрена ефикасност на социјалните услуги

М.В