Размена на искуствa зa гаранциите за независноста на судството помеѓу експерти од Франција и претставници на правосудството на Македонија
Понеделник, 27 мај 2013 – Експерти од Генералниот инспекторат за судски услуги на Република Франција во периодот од 27 до 30 мај 2013 година, ќе остварат работна посета на Академијата за судии и јавни обвинители при што ќе разменат искуства за гаранциите за независноста на судството со претставници на правосудството на Република Македонија.
На 27 и 28 мај 2013 година во просториите на Академијата за судии и јавни обвинители, со почеток во 10:00 часот ќе се одржи и дводневна конференција, посветена на темата „Гаранциите за независноста на судството“, каде експертите ќе имаат свои презентации. На 29 мај 2013 година согласно Агендата ќе остварат и работни посети на Врховниот суд, Судскиот совет и Министерството за правда на Република Македонија.
„Имено, Академијата за судии и јавни обвинители како резултат на успешно воспоставената билатерална соработка со Амбасадата на Република Франција во Република Македонија и потпишаниот Меморандум за соработката помеѓу Академијата и Амбасадата на Република Франција, организира конференција на која од страна на експертите од Генералниот инспекторат за судски услуги на Франција Jean Paul Bazelaire, заменик генерален инспектор и Gwenola Joly, инспектор за судски одлуки ќе бидат презентирани уставните и законските, институционалните и организациони гаранции за независноста на судството. Исто така, од страна на национални судии и претставници на Министерството за правда, ќе бидат презентирани судскиот систем на Република Македонија и гаранциите за независно судство во Македонија“, наведуваат од Академијата.
Со воведно обраќање до присутните, конференцијата ќе ја отворат: директорот на Академијата за судии и јавни обвинители, Анета Арнаудовска, амбасадорот на Република Франција во Македонија, Н.Е. Лоренс Оер и претседателот на Судскиот совет на Република Македонија, Александра Зафироска.