/ Прочитано:

1.550

Разузнавачка афера во областа на даноците ги залади односите меѓу Германија и Швајцарија

Разузнавачката агенција на Швајцарија го ангажирала Даниел М. како таен агент, а целта на неговите активности била да дознае кои даночни инспектори во Германија во 2010 година учествувале во купување на компакт-дискови со податоци со сметки на германските државјани кои во швајцарските банки ги депонирале парите и така го избегнувале плаќањето на данокот. По обелоденувањето на оваа афера, владите на Германија и Швајцарија ги заострија билатералните односи, откако пред неколку дена во Франкфурт е уапсен 54-годишниот Даниел М., за кого се верува дека разузнавачките активности ги почнал во 2012 година.

Владите на Германија и Швајцарија ги заострија билатералните односи, откако пред неколку дена во Франкфурт е уапсен 54-годишен Даниел М., за кого се верува дека е швајцарски шпион кој разузнувачките активности ги почнал во 2012 година.

Германските власти од досегашната истрага утврдиле дека зад целата оваа 5- годишна операција стои швајцарската Федерална разузнавачка агенција (ФИС) чиј директор, Маркус Зилер, комуницирал директно со уапсениот оперативец во Франкфурт.

Според германските медиуми, уапсениот Швајцарец ја шпионирал даночната управа на Германија, а пред сѐ, истражните постапки што таа ги спроведува.

Неговото апсење се поврзува со откритието дека германските даночни власти располагаат со компакт-дискови, набавени на контроверзен начин од еден укажувач на швајцарска банка, во обид да ги уловат имотните Германци со сметки надвор од Германија.

По обелоденување на големата шпионска афера, германскиот шеф на дипломатијата, Зигмар Габриел, го повика амбасадорот на Швајцарија да даде објаснување за развојот на настаните и тоа, како што рекол, „во интерес на германско-швајцарското пријателство“.

Според пишувањата на германскиот весник „Ди велт“, Даниел М., кој бил вработен во германскиот финансиски и банкарски сектор, ги надгледувал финансиските инспектори кои биле вклучени во купување на цедеа што содржеле детални информации и податоци за лица што избегнувале да плаќаат данок. Даночните обврзници парите од неплатените даноци ги трансферирале во повеќе банки во Швајцарија.

Веднаш по апсењето, адвокатот на Даниел М. изјави дека неговиот клиент шпионирал во Германија по налог на Швајцарската разузнавачка служба, која му ја доделила оваа задача бидејќи Даниел М. има долгогодишно разузнавачко искуство и долгогодишна практика како полициски офицер.

„ФИС го ангажираше Даниел М. како таен агент, а целта на активностите на мојот клиент беше да дознае кои даночни инспектори во Германија во 2010 година учествувале во купувањето на компакт-дисковите со податоците со сметки на германските државјани кои во швајцарските банки ги депонирале парите и така го избегнувале данокот“, изјави адвокатот на уапсениот Даниел М.

Германската истрага покажува дека швајцарскиот агент имал свој укажувач во Министерството за финансии на германската сојузна држава Северна Рајна Вестфалија, кој му ги предавал на Даниел М. имињата на германските оперативци во даночната управа, кои се вклучени во ловењето на оние кои не плаќаат данок, префрлајќи пари и фирми на сметки во странски банки.

Се тврди дека неколку германски провинции од 2006 им платиле милионски суми на анонимни извори за овие цедеа, кои содржат листи со сметки на германски државјани во Швајцарија и Лихтенштајн.

Министерот за финансии на најнаселената германска сојузна покраина Северна Рајна-Вестфалија, Норберт Валтер-Борјанс, кој во 2010 година го иницирал купувањето на вкупно 11 компакт-дискови со податоци за германските државјани кои во Швајцарија ги криеле парите од даночната управа, изразил вчудовидување од вестите за апсењето на осомничениот швајцарски шпион. Покраината Северна Рајна-Вестфалија му платила на анонимен доушник вкупно 18 милиони евра за податоците. Но истовремено од даночните затајувачи дополнително собрала 11 милијарди евра данок.

„Доколку оваа приказна се покаже вистинита, тогаш имаме еден поприлично голем скандал“,  изјави за „Ројтерс“ министерот Валтер-Борјанс.

Швајцарија тогаш го осуди затајувањето на данокот преку нејзините банки, но истовремено го осудуваше и начинот на кој германските даночни власти дошле до податоците за оние кои на тој начин го избегнувале плаќањето на данокот.

Податоци за германските затајувачи на данок купувале и други германски сојузни земји, што ја поттикна расправата за тоа дали државата смее да купува украдени податоци за да влезе во трагата на оние што избегнуваат да си го платат данокот.

А. Б.