/ Прочитано:

4.043

РАЗВОДОТ НА БРАКОТ НЕ ЗНАЧИ ПРЕСТАНОК НА РОДИТЕЛСТВОТО: Родителите треба одговорно и еднакво да се грижат за детето

Денеска се одржа јавна дебата по повод Иницијативата и предложените законски измени во насока на воведување заедничко родителство и по разводот. На денешниот настан присуствуваа претставници на релевантните државни институции, претставници на невладиниот сектор, стручната јавност, психолози, универзитетски професори, адвокати и голем број на засегнати родители, кои ги искажаа своите ставови, сугестии и искуства во однос на потребата од донесување на посочените законски измени.

akad 4

Неправедна положба во однос на остварувањето на родителските права по разводот

Јавната дебата ја отвори Наум Рибароски, претставник на групата граѓани од Иницијативата за воведување заедничко родителство по разводот. Рибароски во своето воведно излагање говореше за причините за отпочнување на Инцијативата и за придобивките од воведувањето на заедничкото родителство по разводот. Тој нагласи дека со воведувањето на заедничкото родителство и по разводот ќе се оствари правото на детето на правото на видување со родителот со кој не живее и ќе се избегне дискриминацијата. Рибароски образложи дека основната цел на потребните законските измени е да се смени, како што нагласи, сегашната неправедна положба во однос на остварувањето на родителските права по разводот.

„Досегашниот концепт на еден главен родител на кого (доколку нема меѓусебен договор, што најчесто е тешко да се постигне при развод) му се доверуваат целосно децата на грижа и воспитување и еден спореден родител кој има крајно ограничено време за остварување на квалитетно родителство, е пред сè штетен за децата кои де факто го губат едниот родител. Затоа предлагаме нов концепт со кој двата родитела, и по разводот, ќе продолжат да имаат еднакви права и обврски кон децата, исто како и додека биле во брак“, посочи Рибароски.

akad 4Родителите да бидат во  рамноправна и еднаква положба

Драги Змијанац, основач и претседател на првата детска амбасада во светот, „Меѓаши“,  говореше за причините за поддршката на оваа иницијатива од страна на „Меѓаши“ и комплементарноста  на заедничкото родителство по разводот со концептот на одговорно родителство.

Змијанац истакна дека иницијативата за законските измени е во насока на овозможување на родителство со полн капацитет и по разводот, а со цел родителите еднакво да се грижат за детето. Во таа насока, Змијанац  потенцираше дека во интерес на детето, неопходно е родителите еднакво да се грижат за него, а во смисла на тоа да се изнајде најдоброто решение за детето што се наоѓа во „конфликтната  зона  на родителите кои не можат да се договорат“.

akad 4

Тој нагласи дека надлежниот суд и стручниот тим на центрите за социјална работа, при оцената за доверување на детето на чување и воспитување, треба да тргнуваат од позицијата дека двајцата родители треба заедно и непосредно да го вршат родителското право.

„Стартната позиција за можност за заедничко старателство да биде рамноправна и еднаква. Доколку, при ваква стартна позиција, стручните тимови на центрите за социјална работа утврдат дека двајцата родители можат да му понудат на детето квалитетно родителство, тогаш заедничкото старателство треба да биде појдовна основа“, рече Змијанац, додавајќи дека даденото заедничко старателство треба да биде предмет на континуирано следење од страна на стручните служби.

akad 4

Едниот родител настапува од позиција на моќ

Марија Стефанова, психолог,  говореше за искуствата од работењето со деца и родители од разведени бракови и за психолошките последици врз децата од редуцираните контакти и потенцијалното отуѓување со едниот родител по разводот.

Психологот Стефанова акцентираше дека според сегашните состојби и практиката, едниот од родителите настапува од позиција на нерамноправност.

„Едниот родител настапува од позиција на моќ и родителите влегуваат во игра, а детето е жртва. Од позиција на жртва, секако, не може да направи многу. Тоа остава трајни последици на личноста. Со овој предлог на законските измени се овозможува еднаков пристап, кој е речиси ист како семејство со двајца родители. Најважно е што детето добива внимание, грижа и љубов, и што ќе види дека родителите се усогласуваат во ставовите. Децата заслужуваат да имаат двајца одговорни родители!“, нагласи Стефанова.

akad 4

Сведоштва и искуства на родителите

На дебатата се искажаа и бројни искуства на родители и други роднини кои имаат редуциран контакт со своите деца или внуци.  Родителите говореа за правните голготи низ кои поминувале за да се видат со своето дете, за своеволните и бесправни забрани од страна на другиот родител да се види со детето, за институционалните слабости, за лошата и штетна пракса која особено се однесува на, како што подвлекоа, неоправданата, правно нелогичната и нехумана временска ограниченост на гледање со детето од 14  или 2 часа месечно.

Во таа насока, еден од родителите, професор на УКИМ, кој со својот говор предизвика бројни емоции кај присутните, истакна дека никому не му посакува да му се случи тоа што му се случило нему. Тој нагласи дека битката допрва почнува и дека правдата за децата допрва почнува.

„Детето буквално ми беше грабнато и беше однесено во Србија. Никому не му посакувам детето да му биде оттргнато од родната грутка. Неколку години водам борба, но српските институции ја штитат мајката, која е српска државјанка. Но, за жал, тука, нашите институциите повеќе се грижат за правата на странските државјани отколку на своите државјани и граѓани. До кога ќе молчиме кога се во прашање правата на децата? Одредени ми се 2 часа видување во текот на еден месец во просториите на мајката! Зборуваме за најдобар интерес на детето, а се работи за грубо нарушување на човековите права!“, истакна родителот.

akad 4

Стручната јавност: Неопходни се законски измени

Доц. д-р Лазар Јовевски, професор на Катедрата по трудово и социјално право при Правниот факултет „Јустинијан Први“, говореше за нужноста од законските измени во контекст на социо-правни и етичко-морални предизвици.

„Родителот, татко или мајка, има одговорност да биде дел од животот на детето. Одговорното родителство мора да продолжи и по разводот. Ако се разведуваат родителите, не се разведуваат од децата. Мора да се има предвид тоа. Оттука, немам сомнеж дека потребни се законски измени, а исто така потреби се и измени во делот на работата на центрите за социјална работа. Предложените решенија се добра основа и во таа насока потребна е поголема вклученост на стручната јавност од различни области, како и јакнење на јавната свест во однос на ова прашање, што значи да се надминат предрасудите“

Доц. д-р Ангел Ристов, професор по семејно право при Правниот факултет „Јустинијан Први“, даде правно мислење за потребните измени на Законот за семејство, повикувајќи се на неговото истражување кое резултирало и со предлог за законски измени, кои се засебни од оние што беа презентирани денес.

akad 4

„Ние, како Катедра и како наука за семејното право, го имаме увидено овој проблем и дадовме конкретни предлози. Основниот проблем е фактот што семејното законодавство нема претрпено промени во оваа насока. Стари се решенијата. На пример, не постои експлицитна одредба дека родителите заеднички и спогодбено и по престанокот на бракот се грижат за своите деца. Со заедничко и спогодбено вршење на родителското право, родителите заеднички одлучуваат за најважните прашања за животот на нивното дете“, истакна Ристов, посочувајќи дека тие како Катедра, во предложените измени ставиле акцент на придобивките од постоењето и функционирањето на советувалиштата. Професорот резимираше дека центрите за социјална работа се обременети со надлежности и затоа е потребно насочување на проблематиката кон судовите, што е и едно од барањата на конвенциското право.

Наташа Најденова– Левиќ, адвокат, говореше за препораките од Судот за човекови права во Стразбур во случајот Митови против Република Македонија и  даде мислење за предлог-измената на Законот за семејство. Според мислењето на адвокатката, треба да се направат измени во законската регулатива, со што ќе има гаранција дека и двајцата родители во еднаква мера ќе учествуваат во животот и во развојот на своите деца. Левиќ посочи и на работата на центрите за социјална работа, истакнувајќи дека и во тој дел се потребни промени за да се надминат проблемите на кои укажал и Европскиот суд за човекови права во пресудата во предметот Митови против Република Македонија.

akad 4

Горан Стоев, претставник на групата граѓани од Иницијативата за воведување заедничко родителство по разводот, говореше за научни студии на тема „Заедничко родителство по разводот“ од земјите во кои се спроведува заедничкото родителство, особено осврнувајќи се на компаративни примери кои покажуваат дека функционира балансираниот систем на родителство.

„Поголем стрес за детето е да му се отсече едниот родител, отколку да има балансирано родителство кое е во интерес на детето“, рече Стоев.

Влатко Поповски од Здружението „Емоционално здраво детство“, говореше за постигнувања на претходната Иницијатива за промена на Законот за семејство, но се осврна и на законските и институционалните слабости низ практиката.

Покрај заклучоците дека неопходни се законски измени во насока на овозможување заедничко родителство и по разводот, на денешниот настан беше заклучено дека од иманентно значење е да се подигне и јавната свест за ова прашање, а се со цел интересите и правата на детето да бидат клучниот императив, како од аспект на праксата, така и од аспект на меѓународната регулатива и укажувањата на Европскиот суд за човекови права.

Д-р Наташа Најденова-Левиќ, адвокатка, за проблемите во остварувањето на правото на видување на детето со родителот со кој не живее

РОДИТЕЛИ БАРААТ ИЗМЕНИ НА ЗАКОНОТ ЗА СЕМЕЈСТВОТО: Заедничко старателство и одговорно родителство и по развод

М.В / veljanoskim@akademik.mk