/ Прочитано:

1.934

Разводот треба да биде одделен од битката за паричен надомест – став на британски судии

Британскиот судија од областа на семејните односи, сер Џејмс Манби, вели дека бракоразводната постапка помеѓу брачните другари треба да биде посебен процес, без да се претвори во борба за пари и парична корист. Истовремено, многу адвокати кои ја работат оваа материја долго време вршат притисок врз Владата и поднесуваат иницијативи за менување на постапката за развод на брак и измени на законите поврзани со неа бидејќи сметаат дека таа е застарена. Реформата на семејно- материјалните закони треба да почне со воведување на „развод без вина“, постапка каде што ниту една од странките нема да треба да ја докажува својата „вина” за причините и недоразбирањата што довеле до разводот.

Во неодамна објавениот коментар во врска со семејните односи, најстариот судија во оваа област во Англија и Велс, сер Џејмс Манби, вели дека бракоразводната постапка помеѓу брачните другари треба да биде посебен процес, без да се претвори во борба за пари и парична корист.

Според судијата Манби, кој воедно е и претседател на семејниот оддел на Врховниот суд на Англија и Велс, процесот на развод на брак треба комплетно да биде одделен од паричните побарувања во постапката. Реформата во оваа област треба да почне со рационализирање на онлајн бракоразводните постапки, став кој со него го делат и другите судии кои судат семејни односи. Тоа рационализирање при онлајн разводот не треба да биде едноставно електронско спогодување, туку постапка со неопходна внимателност при оценувањето.

Овој коментар и предлог се во насока на намалување на административните и бирократските притисоци во семејните судови, со што судиите повеќе би се насочиле кон суштината на предметот – разводот на бракот, без да губат време на споредни прашања во постапката.

Во својот коментар кој беше пренесен во британските медиуми, тој наведува и еден пример од практиката каде што по долга правна битка, поранешната сопруга на познат нафтен и гасен магнат добила 453 милиони фунти, во една од најголемите бракоразводни парници во Велика Британија досега.

Многу адвокати кои ја работат оваа материја долго време вршат притисок врз Владата и поднесуваат иницијативи за менување на постапката за развод на брак и измени на законите поврзани со неа бидејќи сметаат дека таа е застарена. Реформата на семејно- материјалните закони треба да почне со воведување на „развод без вина“, постапка каде што ниту една од странките нема да треба да ја докажува својата „вина” за причините и недоразбирањата што довеле до разводот. За да се добие развод, брачните другари ќе мора само да ја наведат некомпатибилноста меѓу нив или непомирливите разлики и со тоа ќе се смета дека бракот е разведен.

С. М.