/ Прочитано:

1.259

Реакции и осуди за изјавата на премиерот Заев

Здружението на новинарите на Македонија остро ја осудува изјавата на премиерот Зоран Заев, во која тој кажа дека нема да дозволи некој суетен новинар да ја симне оваа влада од власт. Ваквиот агресивен говор кон новинарите од страна на претседателот на Владата може да поттикне насилство кон нашите колеги, а со тоа и дополнително да се загрози нивната безбедност и да се ограничи слободата на изразувањето.

„Го повикуваме претседателот на Владата, Зоран Заев, веднаш да се извини на новинарите, а пред сè на колегата Бранко Героски, доколку оваа негова изјава беше упатена кон него, и во иднина да се воздржи од вакво дискредитирање на новинарите.

Премиерот Заев како претседател на партијата на власт и на Владата потребно е да покаже дека умее да се справи со критиката од страна на новинарите, а со тоа да даде пример и на останатите членови на Владата, но и на македонската јавност. Наместо јавно да се пресметува со критични новинари потребно е да ги охрабри во нивните напори да откриваат евентуална злоупотреба на власт, а институциите да реагираат.

Истовремено, во својата изјава претседателот на Владата користеше непримерен говор во однос на припадниците на ЛГБТИ-заедницата, што не доликува на сериозен политичар и носител на таква висока функција. Како новинари и како Здружение кое се залага за еднаквост на сите полиња и недискриминација по ниедна основа го осудуваме и овој дел од изјавата на претседателот Заев и бараме јавно да се извини”, велат од ЗНМ.

И Македонската асоцијација на новинари (МАН) ја осудува изјавата на Заев, Според МАН, премиерот Заев директно го прекршува членот 3 од Законот за медиуми и Уставот со кој се гарантира слободата на медиумите.

Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) остро ја осудува изјавата на премиерот Зоран Заев во која тој покажа голема доза на нетрпеливост кон неименуван новинар нарекувајќи го „суетен“.

Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници остро ја осудува изјавата на премиерот Зоран Заев во која тој покажа голема доза на нетрпеливост кон неименуван новинар нарекувајќи го „суетен“.

ССНМ смета дека кога вакви во најмала рака непримерни изјави, насочени кон новинарите и медиумските работници, доаѓаат од највисоките државни функционери, може да се толкуваат, да се перципираат и да се прифатат од дел од јавноста како отворање фронт кон новинарите, загрозување на нивната безбедност и ограничување на слободата на печатот, и затоа бара од премиерот Заев да се извини.

„Нагласуваме дека на почетокот на мандатот владата на Заев ветуваше борба против нападите врз новинарите и се залагаше за слобода на изразувањето, но вчерашната изјава на премиерот Заев е во целосна спротивност на тие заложби.

Иако премиерот Заев не прецизираше за кој ‘суетен новинар’ се работи, јавноста препозна дека изјавата е насочена кон уредникот Бранко Героски, кој и самиот соопшти дека по изјавата бил цел на зголемен број напади и дискредитации на социјалните мрежи. Тоа докажува дека политичарите, а особено оние на највисоки функции мораат да бидат внимателни при своите изјави бидејќи една несоодветна изјава може да предизвика штети од несогледливи размери како кон поединци, така и врз слободата на изразување“, велат од ССНМ.

„Толку од прифаќањето на различностите и нивното почитување! Тешка демагогија било сè што се зборуваше и правеше претходно!“, истакна  во врска со изјавата на Заев извршната директорка на Хелсиншкиот комитет за човекови права, Уранија Пировска.

М.В