Реакции и осуди за полициската бруталност

Граѓанските организации бараат најстроги казни за полициските службеници кои  брутално претепаа граѓани од Битола. Од МВР најавуваат мерки за расчистување на случајот, а според претседателот на Владата, однесувањето на полициските службеници е срам за полицијата.

„Во врска со видеоматеријалот што беше објавен на социјалните мрежи, а на кој се гледа незаконито и непрофесионално постапување на полициски службеници, ве известуваме дека Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди при Министерството за внатрешни работи веќе го утврди идентитетот на учесниците во настанот и презема мерки и активности за целосно расчистување на случајот, по што јавноста ќе биде соодветно информирана“, соопштија од МВР.

„Видеоснимката на полициска бруталност врз припадник на ромската заедница, која се прошири на социјалните мрежи и медиумите, покажува дека непрофесионалниот однос, полициската бруталност и самоволието при постапувањето кон Ромите и другите категории сиромашни и маргинализирани граѓани продолжува да биде честа практика на полицијата.

Хелсиншкиот комитет за човекови права најостро го осудува ваквото однесување на полициските службеници и за ова ќе поднесе претставка до специјализираното Одделение за гонење на кривични дела сторени од лица со полициски овластувања при Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција. Со претставката ќе побараме да се испитаат сите околности, да се прибават докази и да се покрене постапка пред суд со цел утврдување на кривична одговорност. Дополнително, од Одделението за внатрешна контрола во Министерството за внатрешни работи ќе побараме најстрога дисциплинска одговорност за инволвираните полицајци и покренување на кривична постапка.

Во оваа прилика изразуваме голема загриженост за зачестеноста на полициската бруталност врз ромската заедница. Инцидентот во Битола се случува само три месеци по полициската бруталност врз бездомни лица Роми кои живеат под Железничката станица во Скопје. Ромите во земјава секојдневно се соочуваат со системска дискриминација во речиси сите општествени сфери, со континуирани тешкотии во остварување на правата во сите области, а сето тоа се отсликува и во односот на полицијата кон овие луѓе. Полицијата мора да ги санкционира бруталните припадници во нејзините редови и да се осигури дека граѓаните се чувствуваат заштитено од страна на полициските службеници. Ваквиот третман кон ранливите групи граѓани, кои долги години во изминатиот период беа жртви на полициско насилство, мачење и понижувачки третман, нема да ја врати довербата во полицијата. Напротив, ваквото однесување дополнително придонесува граѓаните да се чувствуваат загрозено и исплашено“, соопштија од Хелсиншкиот комитет.

„Ужаснати сме од видеото што се најде на социјалните мрежи каде што се гледа полициска бруталност врз лица од ромската етничка заедница. Бараме Секторот за внатрешна контрола при Министерство за внатрешни работи да го испита случајот и да ги санкционира сторителите“, истакнаа од граѓанската организација „Аваја“.

Во врска со случајот се огласи и претседателот на Владата, кој рече дека бруталноста од страна на полициски службеници врз граѓани Роми е за најсилна осуда. Таквото однесување, нагласи тој, е срамно за полицијата и ја заслужува осудата која пристигна од јавноста.

М.В